Блискоисточната криза ја покажа на дело европската разединетост

Европските лидери долго време во своите политички говори порачуваат дека ЕУ треба да се осамостои од САД и во спроведувањето на надворешната политика да го гледа својот интерес.

Во Белгија се разгледуваат опции за воспоставување санкции кон Израел, додека во Виена, владините претставници на Австрија го истакнаа израелското знаме. Европската унија не е во состојба да се зазеде заеднички став за конфликтот што се случува помеѓу Израел и Палестина, што според експертите значи дека уште долго време нема да ја видиме во улога на полтичка велесила.

Европските лидери долго време во своите политички говори порачуваат дека ЕУ треба да се осамостои од САД и во спроведвањето на надворешната политика да го гледа својот интерес. Барем формално Унијата е многу поспособна да го стори тоа сега, отколку во 1980 година, кога тогашните девет членки изнајдоа сили со прогласувањето на т.н. „Венецијанска декларација“, да ја признаат палестинската држава. Треба да се потсети дека тоа беше сторено во најжешката фаза од „Студената војна“, во едно време многу потензично од денес.

Од 2016 година, министрите за надворешни работи од земјите членки на ЕУ, не можат да се договорат за ниту една заедничка декларација кога е во прашање Израел. Кога поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, на почетокот од минатата година го призна Ерусалим за главен град на Израел, тоа наиде на осуда кај дел од земјите на ЕУ, но затоа Унгарија, Чешка и Романија ги следеа САД.

Покрај Австрија, Германија важи за главен европски партнер на Израел, но во владеачката коалиција составена од повеќе партии, деновиве се води вербална војна, исполнета со притисоци и јавни повикувања, откако беше обелоденето дека земјата е должна на изрелската војска до крајот на месецот да ѝ испрати контигент со оружје, што било договорено уште во 2018 година. Знамето што австрискиот канцелар Себастијан Курц го закачи на зградата во која работи, го одврати од посета на Виена шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф, каде требаше да се одржат битни преговори од Нуклеарниот договор.

Хаосот во кој се наоѓа дипломатијата на ЕУ, се отсликува и во напорите на француската влада од една страна да состави заедничка платформа за смирување на конфликтот помеѓу израелските сили и Хамас, додека во фабриката за оружје во Ливорно, Италија, самите работници не дозволуваат договорената пратка да биде испорачана во Израел.

– ЕУ самата се маргинализира во обидот да воспостави влијание на Блискиот Исток, со тоа што нејзините претставници одбиваат да преговараат со Хамас. Така преговарачката улога ја препуштаат на САД, Египет, Јордан и Катар. ЕУ е специјализирана на собирање средства за обновата на Газа – вели Патрик Винтур, уредник на „Гардијан“, кој е уверен дека ЕУ мора да стреми кон независна политика, водејќи се од сопствените интереси.

Претседателот на одборот за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Норберт Рутген пред извесно време даде една интересна изјава за медиумите, велејќи дека Европа не треба да биде наивна кон САД, па сета своја енергија да ја насочи на конфронтација со Кина.

Винтур потсетува дека при одлуката за повлекување на војската од Авганистан, Американците ги известија своите сојузници, без претходно да се консултираат со нив. Тоа е во спротивност со ветувањата изречени од претседателот на САД, Џо Бајден, кој неколку пати повтори дека предадено ќе се посвети на повторна изградба на цврстото пријателство со сојузниците од Европа, кое според него било разурнато од претходниот жител во „Белата куќа“. Но, во исто време од Стејт департментот се заканија со санкции против Германија, за изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, кој е од голема важност за германската индустрија.

Одличен пример за тоа како би требало ЕУ да се постави во односот со својот главен сојузник е министерот за надворешни работи на Ирска, Симон Ковени. Тој важи за голем поддржувач на новата администрација на САД, но не се двоумеше да ја критикува за својот однос кон Израел. Ковени беше мошне остар во осудата, кога САД неколкупати ја блокираше заеничката изјава на Советот за безбедност на ОН, одбивајќи во резолуцијата да биде вметната и препораката за итен прекин на огнот, со цел да се стави крај на гранатирањата помеѓу израелците и палестинците.
Европската Унија го претставува најбогатиот заеднички пазар во светот, но и покрај напорите на поединци, Унијата и натаму е џуџе меѓу големите сили во геополитичката игра.

По здравствената криза следува ризик од финансиска нестабилност

Ризикот од финансиска нестабилност ќе се зголеми во еврозоната по крајот на кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19, предупреди Европската централна банка (ЕЦБ).

– И покрај економското закрепнување, бројот на корпоративни банкроти се очекува да се искачи од многу ниско ниво во 2021 година, делумно поради нерешените побарувања за банкрот – се нагласува во најновата анализа на ЕЦБ за финансиската стабилност на еврозоната.

Во анализата се истакнува дека „владите се соочуваат со задача да најдат деликатна рамнотежа помеѓу предвременото прилагодување на мерките за поддршка, што може да предизвика бран на банкроти на компании и предолго спроведување на мерките за поддршка, со што ќе се одржуват неодржливи компании“, предупредуваат тие.

– Поголем товар на долгови за компаниите во земји со поголем услужен сектор може да го зголеми притисокот врз нивните влади и банки – изјави потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос.
ЕЦБ предвидува дека профитабилноста на финансиските институции во еврозоната ќе остане релативно слаба.

Централната монетарна институција на еврозоната, исто така, посочи дека треба да биде свесна за растечкиот предизвик што го поставуваат климатските промени за банките, како во кредитирањето, така и во осигурувањето кредити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот