Блинкен со писмо до Гани предупредува дека талибанците подготвуваат нова пролетна офанзива во Авганистан

Ентони Блинкен / Фото: EPA/LYNN BO BO

Талибанците би можеле да ги засилат своите воени операции во Авганистан по повлекувањето на трупите на САД и НАТО, предупреди американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Според договорот меѓу талибанците и претходната администрација на Трамп, сите американски сили мора да ја напуштат земјата до крајот на следниот месец.

Но, во писмо до авганистанскиот претседател Ашраф Гани, американскиот државен секретар предупреди на можна нова „пролетна воена офанзива” од страна на талибанците.

Американските трупи го нападнаа Авганистан во 2001 година за да ги отстранат талибанците од власта, како одговор на нападите од 11 септември 2001 врз Њујорк и Вашингтон.

Аминистрацијата на Бајден во јануари соопшти дека ќе го преразгледа мировниот договор со талибанците постигнат за време на претседателството на Доналд Трамп.

Според договорот, преостанатите 10.000 војници на НАТО во земјата, предводени од САД, мора да се повлечат до 1 мај во замена за безбедносните гаранции дадени од талибанците.

Белата куќа соопштува дека сака да се осигури дека авганистанската милитантна група го „исполнува својот дел од обврските”, вклучувајќи го и намалувањето на насилството и раскинувањето на врските со терористите, пред да ги повлече своите војници од земјата.

Нивото на насилство во земјата и натаму е на многу високо ниво, а меѓу жртвите на убиствата на талибанците има новинари, активисти, политичари и жени судии.

Во писмото до авганистанскиот претседател, до чија копија дојде Би-Би-Си, државниот секретар на САД повика на 90-дневно намалување на насилството во Авганистан и на нови меѓународни мировни напори, под надзор на ОН, за постигнување „трајен и сеопфатен прекин на огнот”.

Ова, предупредува Блинкен, е итно потребно за да се спречи натамошното влошување на безбедносната состојба во Авганистан.

Од ОН ќе се побара да свика состанок на министрите за надворешни работи и претставници на регионалните сили, се додава во писмото, а Турција е одредена да биде домаќин на самит меѓу талибанците и авганистанската Влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот