Блинкен со критика до Кина за инцидентот со шпионскиот балон

Ентони Блинкен
Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/MIKA SAVOLAINEN

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен активностите на Кина во врска со шпионскиот балон пронајден над САД ги оцени како „неодговорни и неприфатливи“, јави ДПА.

Блинкен во телефонски разговор со директорот на кинеската централна комисија за надворешни работи, Ванг Ји, изјавил дека присуството на леталото во воздушниот простор на земјата е јасно кршење на суверенитетот на САД и јасно кршење на меѓународното право. Тој додаде дека светот очекува САД и Кина одговорно да управуваат со своите односи, САД го прават тоа и го очекуваат истото од Кина.

-САД ќе продолжат да одржуваат отворени линии за комуникација со Кина, вклучувајќи и за решавање на овој актуелен инцидент, рече Блинкен.

Главниот приоритет на Вашингтон е да го отстрани балонот од неговиот воздушен простор, додаде американскиот државен секретар, без да прецизира како тоа треба да се направи.

Блинкен, чија посета на Кина беше откажана поради влегувањето на балонот во воздушниот простор на САД, рече дека сака да го посети Пекинг штом ќе дозволат условите. Меѓутоа, додаде, однесувањето на Кина во пресрет на посетата беше „на штета на суштинските дискусии што бевме подготвени да ги имаме“.

Кинеското Министерство за надворешни работи, во меѓувреме, соопшти дека летот на кинескиот „балон“ над САД е несреќа од виша сила и ги обвини американските политичари и медиуми дека ја искористиле ситуацијата за да ја дискредитираат Кина, пренесоа британските медиуми.

„Кина секогаш строго го почитува меѓународното право и го штити суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји“, се наведува во соопштението на кинеското МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот