Блинкен: „Сакавме Милошевиќ да се откаже од идејата за ширење, а не да го загуби животот…“

Ентони Блинкен / Фото: EPA/LYNN BO BO

Новиот американски претседател, Џо Бајден, ги одбра луѓето кои ќе бидат на клучните позиции во новата администрација. На местото на државниот секретар, кое е едно од најважните позиции во власта, предложен е Ентони Блинкен, човекот кој е високопозициониран во американската дипломатија уште од времето на Клинтоновата администрација.

За Србија тоа значи дека на местото на државниот секретар доаѓа човек кој добро ги познава прашањата за Босна и Косово, кои Србија се обиде „во пакет“ да ги реши за време на Доналд Трамп. Во биографијата на Блинкен, објавена во лондонскиот „Гардијан“, пишува дека работел во Белата куќа за време на Клинтоновите интервенции во Босна и Косово.

Загрепскиот „Вечерњи лист“ пренесе дека, при крајот од владеењето на Клинтон, Блинкен бил негов специјален советник за европските прашања. Во тоа својство Блинкен седел и на состанокот на Клинтон со германскиот канцелар Герхард Шредер во 1999 година во Бон, на кој американскиот претседател рекол дека „постои, се разбира, одредена шанса Судот за воени злосторства (за поранешна Југославија) да го обвини и Туѓман“. На тој состанок се договарало поттикнувањето на регионалната соработка меѓу државите на подрачјето на бивша Југославија, а во тој контекст советникот на Шредер, Михаел Штајнер, рекол: „За тој регионален пристап да може да профункционира, мораме да најдеме алтернативи за Туѓман и Милошевиќ.“ Блинкен на средбата, според декласификуваните белешки од архивата на Стејт департментот, не се јавил за збор.

Во познатиот подкаст „Екс фајлс“ на Дејвид Екслроуд, Блинкен во 2017 година говореше за своето политичко искуство во текот на деведесеттите. Вели дека во тој период му ги пишувал говорите на Клинтон и дека заради тоа морал да биде вклучен во сè што се случувало. Тоа бил предизвик за него, бидејќи Клинтон со своите говори сакал да ги убеди луѓето во неговите аргументи.

„Го имавме Балканот. Босна ја направивме подобро место, требаше да помине многу време за да се заврши војната. А и Косово, заради кое војувавме 78 дена. Тоа се успешни проекти. Во случаите на Босна и Косово, ние, во основа, сакавме Слободан Милошевиќ да се откаже од идејата да ги приклучи тие две земји на својата, а не да замине од власт и да го загуби животот, како што сакавме во Сирија“, вели Блинкен за „Екс фајлс“.

Во текот на 2015 година преку Твитер порача дека е „горд што го изразува цврстото уверување дека Косово треба да биде добредојдено на Генералната конференција на УНЕСКО како полноправна членка“.

Провладините медиуми во Србија објавија дека Блинкен „Вучиќ одлично го познава“ и дека претседателот на Србија веќе се има состанувано со идниот државен секретар на САД. Судејќи според веб-сајтот на српската амбасада во Вашингтон, Вучиќ и Блинкен се состанале во септември 2016 година, во времето кога Вучиќ престојуваше во САД за да зборува на еден настан организиран од Фондацијата „Клинтон“.

Од Бајденовата администрација, која ги смета Босна и Косово за успешни американски интервенции, не треба да се очекува радикална промена на ставовите.

 

Пренесено од „Недељник“ од Белград

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот