Блинкен и Борел бараат почеток на преговори за Северна Македонија без одлагање

Средба на Блинкен и Борел во Вашингтон / 14 октомври 2021 / фото: ЕПА

Кабинетот на шефот на ЕУ дипломатијата ги објави деталите од средбата помеѓу Жосеп Борел и неговиот американски хомолог Ентони Блинкен и нивните пораки за Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Првите дипломати на ЕУ и на САД ја повториле нивната целосна поддршка за процесот на проширување на Унијата кон Западниот Балкан со цел „зајакнување на демократските институции, заштита на темелните права и унапредување на владеењето на правото”.

Интеграцијата на регионот во ЕУ ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан, се согласиле Борел и Блинкен кои се сретнаа минатата недела во Вашингтон за да разговараат за најголемите предизвици во областа на меѓународната политика за ЕУ и САД.

– Во овој контекст истакнуваме дека преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање, стои во соопштението од средбата.

Двајцата дипломати се осврнале и на ситуацијата помеѓу Косово и Србија, за кои единствено решение, според нив, е дијалогот под водство на ЕУ.

– По неодамнешните тензии на северот на Косово ги охрабруваме двете страни да се ангажираат во постојана и одржлива деескалација и да избегнуваат дела кои ја загрозуваат стабилноста, порачуваат Борел и Блинкен.

Изразија поддршка за борбата против корупцијата на косовските власти, но и дека секакво насилство кон цивили, новинари, полицајци и други власти е неприфатливо.

Што се однесува до Црна Гора, ЕУ и САД бараат сите политички сили да соработуваат за да ја задржат ориентацијата што ја бара црногорскиот народ и да продолжат со остварување на ЕУ реформите.

Конечно за Босна и Херцеговина, Брисел и Вашингтон ја повториле нивната цврста заложба за заштита на територијалниот интегритет на оваа земја.

– Сериозно сме загрижени за сѐ пополаризираната реторика во БиХ. Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат и штитат државните институции, да се вратат на конструктивен дијалог и да преземат чекори за напредок на патот кон ЕУ интеграција, вклучително и во релевантните реформи.

ЕУ и САД им стојат на располагање на властите во БиХ за да им помогнат во преземање на тие чекори, порачаа Борел и Блинкен.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот