Блескави оценки за албумот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите во американските списанија

Најстариот американски магазин специјализиран за рецензии „Америкен Рекорд Гајд“ (основан во 1935 година) на читателите им го препорача, „амбициозниот проект инспириран од фолклорната музика, предводен од пијанистот Симон Трпчески“, појаснувајќи дека самиот наслов „Македонисимо“ значи „мошне македонски“.

Во својот осврт, реномираниот критичар Нејтан Феро, подвлекува: „Народната музика во неговата родна Македонија е преполна со ритмичка виталност и модална убавина. За Трпчески и многу други Македонци, таа е дел од секојдневниот живот и е така уште од детството. За овој албум тој групирал песни и танци во шест плетенки или фолклорни збирки. Македонскиот композитор Панде Шахов потоа ги транскрибира за Трпчески и остатокот од квинтетот, составен од професионални класични и фолклорни музичари. Тие во 2017 година тргнаа на меѓународна турнеја со проектот, што доведе до овој албум. И тоа каков албум! Тоа не е просечно поимање на народната музика, Шахов не цели кон етномузиколошка автентичност, туку кон вистински оригинална и лична транскрипција што го задржува суштинскиот дух на музиката. Неговата позадина во џезот може да се почувствува во начинот на кој пристапува кон пишување за квинтетот, правејќи простор за импровизации и украси. Музиката е предизвикувачка, напишана за да одговара на високото ниво на вештина во изведбата на музичарите… ’Македонисимо‘ воспоставува рамнотежа помеѓу традицијата и оригиналноста. Без оглед дали е дадена прогонувачка и потресна мелодија, носталгична, лирска балада или вртлог од енергично, славеничко танцување, музичарите внесуваат силно чувство и непречена радост во музиката. Силно му го препорачувам овој албум на секој љубител на музика“, пишува Феро во својата рецензија.

Американскиот двомесечник „Фанфер“, специјализиран за класична и џез музика, низ перото на Петер Бурвасер, исто така им препорачува на своите читатели никако да не го пропуштат ова издание.

– Одличниот млад пијанист Симон Трпчески е горд на своето македонско наследство и овде прави пауза од Рахмањинов и Прокофјев за со група од уште четворица музичари да почнат со програма од македонска народна музика. Забавната етикета за овој „излет“ е „Македонисимо“, јазична мешавина што слободно може да се преведе како „многу македонска“. Не сум квалификуван да коментирам за степенот на македонизам што го добиваме тука, но ова е мошне забавна и прекрасно изведена презентација, без оглед на какво било прашање за автентичност. Проектот претставуван пред публиката во живо од својата премиера во 2017 година во Германија, е резултат на соработката помеѓу Трпчески и македонскиот композитор Панде Шахов, во консултација со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“. Музиката овде е примамлива мешавина на џез енергија и раскажувачка лирика. Иако музиката е во основа народна, Шахов го позајмува модерниот идиом на секцијата удиралки, испорачан со суптилна, но упорно погонска енергија од Влатко Нушев. Секако, сложените ритми на изворниот материјал се подложуваат на современи третмани, на примерот на Кодали во Унгарија и Григ во Норвешка. Снимената должина од скоро еден и пол час е исклучително дарежлива, но сепак, ми беше жал кога заврши оваа заразно-радосна музика (поради што се фатив како ја слушам повеќе пати – највисоко признание што може да го даде еден критичар). Не пропуштајте го ова. Ќе го разубави вашиот свет во време во кое итно му треба такво освежување – пишува критичарот Петер Бурвасер.

Инаку, минатата година најавената северноамериканска концертна премиера на „Македонисимо“ беше одложена поради пандемијата. Новите термини се очекува, во зависност од ситуацијата, да бидат потврдени наскоро, соопштија од „КултурОп“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 69, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот