Блефот на Вархеји пропадна, нарачателите излегуваат од сенка

Оливер Вархеји
Оливер Вархеји / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вархеји не е толку незрел или невешт да не знае дека со неговите константни пораки дека земјава мора да најде решение со Бугарија за да почне преговори со ЕУ, тој директно се става на страната на Софија и всушност го повторува нивниот официјален став.

Обидот на еврокомесарот Оливер Вархеји да ја стави Македонија пред свршен чин во контекст на бугарските идентитетски барања на успеа, откако земјите членки на унијата јасно ставија до знаење дека ставовите на Вархеји, не се ставови на европската комисија. Германија и Словачка се меѓу земјите кои одлучно и јасно кажаа дека не се согласуваат со ставот на еврокомесарот.

Потоа следеше канонада од официјални ставови од Брисел, меѓу кои последен беше пораката на комесарот за надворешна политика и безбедност Жозеф Борел дека европската комисија не е за одвојување на пакетот меѓу Северна Македонија и Албанија.

Со оглед дека веќе ја анализиравме стратегијата на Вархеји и јавно прашавме: за кого игра еврокомесарот, сега е уште појасно дека унгарецот дојде во Скопје со сомнителни намери, нејасна позадина и уште помистериозни нарачатели. Она што Вархеји сака да го продаде како очигледен факт е дека тој притиска за побрзо решение меѓу Скопје и Софија за да се откочи проширувањето на ЕУ.

Но таа продажба на магла од страна на Вархеји е провидна како и акцијата на Бугарија за протерување на “руски шпиони“, и двете стратегии на Бугарија и Вархеји (или Унгарија), се со цел за создавање на димна завеса пред јавноста и сериозните набљудувачи преку океанот за своите намери и шурувања со недозволени центри на моќ.

Вархеји не е толку незрел или невешт да не знае дека со неговите константни пораки дека земјава мора да најде решение со Бугарија за да почне преговори со ЕУ, тој директно се става на страната на Софија и всушност го повторува нивниот официјален став.

Доколку Европската унија во минатото го правеше истото во спорот со Грција, сега ситуацијата е поинаква. Американците го испорачаа своето ветување за влез на земјава во НАТО, а Брисел покажа невиден недостаток на принципи и највисоки представници на унијата директно го излажаа македонскиот народ дека со потпишувањето на преспанскиот договор ќе добијат почеток на преговорите со ЕУ.

Всушност европската приказна е интегрален дел од преспанскиот договор, па само сегашната политика на македонската влада ја спречува земјава да одстапи од договорот и да остане НАТО членка, со што би се создала уште една криза во Југоисточна Европа. Еврокомесарот во најмала рака требаше да дава поумерени и поизбалансирани изјави но тој се реши за дипломатски лупинг и почна директно да ја притиска Македонија да прифати компромис со Бугарија.

Интересно е што Франција како земја која прва го блокира проширувањето на ЕУ со Албанија и Македонија сега остана тивка, и не издаде став кој би бил спротивен со пораките на еврокомесарот, иако тоа го направи Германија. Ништо не би било чудно дека Европската унија во својата нефункционална разногласност сега повторно делува во повеќе насоки на Балканот, па бугарската блокада и игранката на Вархеји се само продолжување на блокадата на Париз.

Знаеме дека следното проширување на унијата кога и да се случи мора да биде заварено со референдум во Франција, а во земјата на галските петли само 30% од граѓаните подржуваат проширување на унијата.

Во Франција во моментов се случуваат големи турбуленции со писмото на пензионирани генерали кои го предупредуваат Макрон дека земјата се движи кон граѓанска војна поради “емигрантите и исламизацијата” на делови од земјата, а кон тоа писмо кое беше окарактеризирано како своевиден воен пуч, се приклучија и активни офицери на француската армија. Незамисливо за Макрон во овие мометни е да прифати почеток на преговори со унијата на уште една исламска земја (Албанија) и со Македонија каде најмалку една третина од земјата се муслимани.

Но Франција има проблем бидејќи самиот Макрон се обрати со видео порака до македонските граѓани и им ги ветуваше европските порти пред референдумот, па откако во првата блокада Макрон се криеше зад методологијата за проширување, сега Франција се крие зад бугарскиот шовинизам и национализам. Од друга страна Унгарија како матичната земја на Вархеји во моментов представува финансиска и идеолошка база за ширење на руското влијание на балканот и еврокомесарот како близок соработник на Виктор Орбан сега представува негова проширена рака во европската влада.

Прашање е, доколку сите овие факти се прилично јасни зошто никој не реагира. Европската унија како што кажавме е турлитава на интереси и политики и Орбан и Вархеји умешно го користат тоа. САД од друга е страна е посебна приказна и затоа американците со толку остри во пораките кон Софија и директно бараат да се ослободи Македонија од историско заложништво.

Почетокот на преговорите за Македонија со унијата продолжува да биде геостратешка борба за влијание на суперсилите во Југоисточна Европа, но покрај растот на источните пилци треба да се знае дека главен петел во овој дел на светот се уште е Вашингтон и искуството ни кажува дека некој во целиот процес наскоро ќе заврши искубано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот