Блаже Конески за Гоце Делчев и создавањето на легендата

данило коцевски

На 4 февруари 1972 година во Скопје, при полагањето венци на споменикот на Гоце Делчев, за неговиот лик и дело зборувал академик Блаже Конески. Тој својот говор го почнал со следните зборови: „Еден обичај не собра да се преклониме пред споменот на великиот син на македонскиот народ, Гоце Делчев. Нè собра за да почувствуваме веднаш дека со овој чин не изразуваме само респект спрема една заслужна личност, ами дека тој чин ни открива со остар интензитет колку е интимно вткаен во нашата душевност овој светол лик. Тој дејствува на нас со неодразимоста на легенда, без која нашиот дух би останал осиромашен“. Говорот под наслов „Создавање на легендите“ објавен е во книгата „Беседи и огледи“ (Скопје, 1972).

Ако внимателно се анализира почетокот на овој говор, се откриваат неколку значајни аспекти. Станува збор за обичај да се поклонуваме пред великиот син на македонскиот народ, Гоце Делчев. Голем е респектот спрема една заслужна личност, и уште повеќе, тој чин ни открива со „остар интензитет“ колку е „интимно вткаен во нашата душевност овој светол лик“. Со други зборови, се укажува на една легенда без која нашиот дух и ние самите би биле многу посиромашни.

Важноста на легендата

Интимната вткаеност на тој светол лик со нашата душевност и интимата јасно зборува колку е голема неговата поврзаност со народот од кој произлегува, но и со секоја индивидуа посебно која го чувствувала и го чувствува како дел од себе. Таквите поврзаности се од исклучителна важност, бидејќи на тој начин, како што нагласува и Конески, создадена е легенда, а тие легенди не се создаваат случајно, и не зависат од некои попатни негирања или пофалби, туку се резултат на сложени, етнички, национални, социјални и политички процеси.

Низ сите тие сложени процеси поминал и македонскиот народ, многу потешко од народите во своето окружување, и токму затоа, создавањето на легендата за Гоце Делчев е  посебно важна. Без неа нашиот дух и ние самите би биле многу посиромашни, а со ваквото свое луцидно гледање Конески задира во спецификите на нашата историја, со сите нејзини премрежја, вековни собитија, нерамни патишта.

Подолу во својот говор, Конески уште еднаш зборува за создавање на легендата, и тоа од значајниот аспект на „простиот македонски човек“ и неговата судбина. „Во Гоце Делчев, простиот македонски човек виде не само идеолог, што ја сфаќа неговата тешка положба, ами собрат што ја носи неговата судбина. Уште пред да се даде историска оценка за Гоце Делчев, таа беше на оваа основа дадена во самиот народ и на таа основа веќе се раѓаше неговата легенда. Уште пред да се напишат почувствуваните зборови на неговите соборци во прослава на неговиот спомен, во народот со средствата на старата речитост околу ликот на Гоце Делчев се вршеше актуализација на мотивите од песните за јунаците во кои тој гледал свои закрилници“.

Во овој контекст, кога се зборува за Гоцевата поврзаност со народот се вклопува и едно согледување на Гане Тодоровски („Трактати за сонцељубивите“, Скопје, 1974), каде што тој нагласува: „Кога се говори за Гоцета Делчев, треба секогаш да се има предвид, дека тој не наметнува свои програми или погледи, туку пред сè, и над сè е изразител на желбите и стремежите на народот, народен глас и народна тупаница. Тој е изразител на македонската низина, на македонската селанска маса, овоплотувач на нејзините процеси“.

Да не се срамиме

Сето ова укажува на еден аспект што е круцијален и незаменлив – тоа е значењето на традицијата, која, покрај другото, се потпира и врз создавањето на легендите. Гоце Делчев со својот лик и дело длабоко е навлезен во македонската традиција, и неа никој не може да ја преправа и пресоздава како што сака. Тој код е нешто што трајно нè одредува. Ликот на Делчев е влезен во најубавите песни што се испеани за Македонија и кои ден-денес се пеат, што значи дека ниту усмената ниту уметничката поезија не може да се замисли без него. Тоа е дел од онаа неповторлива „интима“ за која зборува Конески.  Тој е харизматичен лик и во прозните дела (да се потсетиме само на „Табакерата“ од Ѓорѓи Абаџиев).

Тоа е дел од неговиот македонизам на кој ако му се извади и поништи суштината, ќе остане само еден празен поим. Но, за среќа, таквиот вид традиција не може еднострано да се негира и поништи, бидејќи е градена спонтано, врз меморијата на народот. Затоа Конески вели дека истиот тој народ околу ликот на Делчев вршеше „актуализација на мотивите од песните за јунаците“ кои беа негови закрилници од неправдите.

Како нашите дејци повремено се изјаснувале за својата националност не е нешто непознато, уште помалку на нашите реномирани и долгогодишни истражувачи на оваа проблематика. Тоа не е табу-тема, ниту со тоа ја откривме Америка, како што тоа понекогаш се претставува. Делови од заедничката историја која е несомнена, треба да нè зближуваат, а не да нè разделуваат. Во кризните моменти како што е сегашниов, страстите треба да се смируваат, а не да се разгоруваат. Треба да покажеме максимално разбирање за Другиот, како и Другиот за нас.

Заедничкото чествување е неприфатливо, ако тоа се сведе на какво било непочитување или негирање. Двата наратива сигурно ќе опстојуваат и понатаму. Треба да се избираат формулациите, зборовите, пораките. За утре да не се доведеме во ситуација да се срамиме од она што сме го напишале или сме го кажале, и ние Македонците и Бугарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот