Благословот и проклетството на Ердоган

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Агресијата на Путин е катализатор што почна да ја извлекува Турција од изолацијата во НАТО, но во исто време се заканува да направи штета доколку Анкара биде принудена да преземе чекори што сериозно ќе ги заострат односите со Москва.

По посредувањето во украинската криза и посредувањето во повлекувањето на украинските војници од фабриката за челик Азовстал во Мариупол, патувањето во Саудиска Арабија и крајот на конфликтот со монархиите во Персискиот Залив, подобрувањето на односите со Израел и со Египет, Турција има приоритетно надворешнополитичко прашање: нормализирање на односите со САД.

До неодамна, претседателот Реџеп Таип Ердоган не пропушташе можност да ја изрази својата антипатија кон Западот – а Западот не ја пропушти можноста да возврати – но како што меѓународниот статус на Турција се зајакна, војната во Украина се користи за пополнување на празнината што му недостасуваше во надворешнополитичкиот мозаик – успешна соработка со САД.

Односите меѓу двата партнера во НАТО беа сериозно затегнати по обидот за воен удар во летото 2016 година и последователните инаетливи турски набавки на модерно руско оружје, но месеците дипломатија вродија со плод: Турција и САД конечно лансираа стратешки механизам за зајакнување на соработката во економијата и во одбраната.

Дипломатскиот договор, кој се фокусира на позитивната соработка, а помалку на хроничните проблеми што постојат во меѓусебните односи, несомнено им беше потребен на Американците, кои се многу ангажирани во собирањето сојузници во заеднички фронт против Владимир Путин.

Механизмот треба да овозможи разговори не само за Украина, за ситуацијата во Сирија, во Либија или за трговијата, туку и за чувствителните прашања за човековите права за кои администрацијата на Џо Бајден има долг список приговори до турските власти.

Односите на Турција со САД и со Европејците се разнишани од загриженоста на Западот поради исламистичкиот пристап на Ердоган кон надворешната политика, кој го забави напредокот на Турција кон ЕУ и ја попречи долгорочната стратешка соработка. Комбинацијата на амбициите на Блискиот Исток и муслиманскиот свет и преживеаните трауми од 2016 година го насочија Ердоган кон Русија, и покрај сите разлики меѓу двете земји околу Сирија, Либија или Нагорно-Карабах.

Во минатото, Ердоган не криеше дека има намера да ѝ најде место на Турција во групата земји што сакаат да ја намалат нејзината зависност од Западот, па во овој контекст и врските со Москва добија посебно место, дополнително иритирајќи го Западот каде што се проценуваше дека блискост со Владимир Путин никако не ѝ личи на една од најзначајните членки на НАТО.

Сомнежот кулминираше кога Турција купи модерен руски противвоздушен противракетен одбранбен систем С-400. САД возвратија со исклучување на Турција од заедничката програма за производство на модерни ловци Ф-35. Меѓународно изолирана, Турција почна да ја поправа штетата што си ја направи на Блискиот Исток на крајот на 2021 година, но потоа избувна економска криза што ја поткопа политичката поддршка за владејачкиот режим дома. Инфлацијата има рекордно високо ниво од 61 процент. Ердоган е свесен дека во пресрет на претседателските избори во 2023 година мора да ја подобри состојбата во економијата.

Украинската војна ја забави обемната соработка со Русија, па јасно е дека Анкара не може да си дозволи луксуз да ја продолжи состојбата на речиси замрзнати односи со САД. Неопходна е добра соработка со Западот за да се привлечат инвеститори.

Во исто време, Турција очекува повеќе отколку само статус на најважната сила на НАТО во Југоисточна Европа: таа сака да биде понезависен играч на глобалната сцена. Украинската криза е можност. Ердоган сигурно ќе се обиде да го искористи своето целосно враќање во безбедносната структура на Западот за да ги укине американските санкции кон Турција.

Руската инвазија, која Анкара ја осуди како отворено кршење на нормите на меѓународното право, влијаеше Ердоган да се оттргне од евроазиските приоритети и да се врати на традиционалниот атлантизам. Тој и членовите на неговиот кабинет сега многу често ја нагласуваат посветеноста на Турција кон Западот и НАТО.

Улогата на Анкара во напорите за постигнување мир меѓу Москва и Киев, врз основа на единствената позиција на Турција во НАТО да има добри односи и со Русија и со Украина, ја зајакнува позицијата на Ердоган на Запад. Свесна за стратешката позиција на Турција на мапата на клучните енергетски рути, Европската Унија покажува и дека е подготвена да ја остави настрана недовербата што ја има кон Ердоган поради неговиот авторитарен и недемократски начин на владеење.

Од почетокот на војната, Ердоган се позиционираше како клучен посредник меѓу Русија и Украина, но неговото одбивање да се приклучи на санкциите предизвика критики. Анкара е критикувана што им дозволува на руските олигарси да ги кријат своите суперјахти во Турција, да купуваат ексклузивен недвижен имот и да отвораат сметки во државни и приватни банки.

Иако Западот не смее да си дозволи да ја изгуби Турција во такви моменти, Вашингтон вели дека мора да се спротивстави на дослухот на Турција со Русија за да се воспостават „оски на автократија“.

Политичкиот калкулатор на Ердоган никогаш не бил исклучен, па тој се обидува да ја искористи најавата за влез на Финска и Шведска во НАТО. Бидејќи двете скандинавски земји често даваат политички азил, дури и на Курдите и на другите дисиденти на Ердоган, тој вели дека тие се „расадници на тероризмот“ и не го одобрува нивното членство. Тој бара нешто.

За Ердоган, украинската војна е благослов и проклетство. Агресијата на Путин послужи како катализатор што почна да ја извлекува Турција од изолација во НАТО и западната алијанса, но во исто време се заканува да нанесе политичка и економска штета доколку војната продолжи, доколку Анкара биде принудена да преземе чекори за сериозно заострување на односите со Москва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот