Заев: Оваа година вистински економски раст кој ќе го почувствуваат граѓаните

70

Сите индикатори ни даваат за право да ја прогласиме 2019 како година на економски раст и веќе во првиот квартал очекуваме раст од четири проценти. Ако навистина го фатиме патот на НАТО и Европската унија Македонија има одлични шанси за економски раст кој граѓаните ќе го почувствуваат вистински, рече премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување во централниот дневник на ТВ Сител.

Заев наведе дека веќе има 16 нови странски инвестици, 250 домашни компании добија поддршка од над 100 милиони евра, а 20 нови фабрики се отворени во индустриските зони во општините. Се преговара со големи  странски компании, но, потенцираше, сите ја очекуваат конечната  одлука по која државата станува дел од НАТО со што им се гарантира стабилна и безбедна бизнис клима. Од членството во НАТО што се очекуваат  многу инвестиции по примерот на останатите држави, како Бугарија, Хрватска,…

– Во Македонија очекувам и повеќе заради тоа што паралелно со тоа отвораме и поглавје со Европската унија. Тоа е да го наречам дополнителен меден месец заради тоа што додека  преговараме ги користиме компензациските и останатите фондови и немате се уште обврски додека станете полноправна членка на ЕУ. Сето тоа и тоа како е финансиска инекција, дополнителни пари и во делот на странските инвестиции  што ќе донесе економски бенефит за државата, рече Заев, истакнувајќи дека токму растот на економијата е причината поради која е против со претседателските да има  и предвремени парламентарни избори.

Според Заев,  активностите за градење мора да се одвиваат, но тоа ќе се прави умерено паралелно со водењето грижа за еколошкиот аспект и вкупниот амбиент за живеење. Нема, како што рече, шеесеткатница кај  х.Холидеј ин во Скопје,  туку 24 ката како што дозволува Деталниот урбанистички план.

– Годинава се планирани над милијарда евра во патна и железничка инфраструктура, од кои 400 милиони евра во автопатот Кичево-Охрид каде се надминати проблемите, 70 милиони евра за локални патишта, 147 милиони евра за втората фаза на железничката пруга на Коридор 8, почнуваме и со автопатот Скопје Блаце. Автопатот Скопје – Штип ќе биде пуштен до крај на месецов, рече Заев.