Тевдовски: По влезот во НАТО се очекува раст на странските инвестиции

Министерот за финасии посочува стабилноста и меѓународниот статус кои ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори.

44

Искуствата од другите земји покажуваат висок раст на странските директни инвестици по влезот во НАТО Алијансата. Ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на нашите соседи Бугарија и Албанија, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во изјава за МИА.

– Кај Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од 7 проценти на 19,8 проценти од БДП. Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од 5 проценти на 9 проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни. Кај Романија, исто така има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 проценти по пристапувањето во НАТО, кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти, кај Естонија од 7,5 проценти на 13,5 проценти. Тоа е прилив на свеж капитал, кој прави нови фабрики, нови производствени капацитети, нови работни места, нови производи, пренесува know-how – истакнува Тевдовски.

Како што посочува стабилноста и меѓународниот статус кои ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори. Во новите земји-членки на НАТО се забележува зголемување и на нивото на вкупни инвестиции. Така, во земјите кои пристапија кон НАТО во 2004 година, просечното учество на бруто-инвестициите во БДП се зголемило од 25 отсто во петгодишниот период пред зачленувањето на 31 отсто во петгодишниот период по зачленувањето.

– Бизнисот кај нас бараше членство во НАТО и тоа е логично. Земјата ќе има подобар меѓународен статус, ќе биде во друштво со најразвиените земји. За бизнисите ќе биде многу полесно да влегуваат, да воспоставуваат врски и да тргуваат по влезот во НАТО. Во земјите кои пристапија кон НАТО во 2004 година, просечниот раст на извозот се зголеми од 6,8 проценти во периодот пред зачленувањето во НАТО на 11,8 проценти во периодот по пристапувањето во НАТО – нагласува Тевдовски.

Министерот за финансии посочува и дека влезот во Алијансата значи и намалување на ризикот, што може позитивно да влијае на кредитниот рејтинг, односно истиот да се зголеми.

– Исто така, ова е многу важно и за финансиските инвеститори. Секако со влезот во Алијансата и намалување на ризикот, можеме да очекуваме дека во наредниот период и кредитниот рејтинг на земјата да биде подобрен- вели Тевдовски во изјава за МИА.