Сугарески: Директорот на МЕР наскоро ќе објасни за се што е договарано околу гасоводот

102

Наскоро јавноста преку акционерското друштво во државна сопственост Македонски енергетски ресурси – МЕР ќе биде информирана за се што се случува со изградбата на гасоводот на делот кај Водно, најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Во повеќе наврати обезбедивме јавни дебати со екологистите. Бидејќи МЕР ги склучува договорите со компаниите, за се што како новина е постигнато комплетно ќе објасни директорот на МЕР. Ќе се изјасни за она што се случува на терен за да нема шпекулации дали она што е договарано таму е така или не, истакна министерот Сугарески во одговор на новинарско прашање за ангажирањето на механизацијата на терен при денешната посета на Пониква.

МЕР, пак, денеска преку соопштение за медиумите информира дека е отворен за разговори со граѓанските здруженија.

– Како и секогаш МЕР АД Скопје е отворен за разговори, и по принципот на инклузивност ги повикуваме граѓанските здруженија наредните денови на разговор, за да се разјаснат недоразбирањата и да одговориме на прашањата кои создаваат недоречености, се вели во соопштението од МЕР.