И студот и законот удрија по пазарџиите

Новиот Закон за трговија на зелените пазари стапи во сила, но Групацијата на пазари и понатаму бара негово одложување додека Комората на трговци тврди дека законот е добар. Во меѓувреме, пазарџиите ги мачи студот и новите најавени давачки.

325

Полупразни се зелените пазари. Ниските температури не дозволуваат продажба на отворено. Им студи и на пазарџиите, но и зеленчукот и овошјето замрзнуваат. Згора на зимата, на пазарџиите „им студи“ и од новата законска регулатива, која налага вадење лиценци и бркање од пазарите на пензионерите и хонорарно вработените.

Сепак, некои пазарџии не престануваат да продаваат и на минусни температури. На Зелениот пазар во Скопје најревносни се продавачите на јужното овошје.

– Сега е време за продажба на портокали и мандарини. Ние од тоа живееме. Студено е. Но ова не ни е прва година. Ние сме навикнати да работиме на минусни температури, а знаеме како да се грижиме и за овошјето – вели еден од пазарџиите.

Што се однесува до новата регулатива, тој само накусо ни прокоментира дека ќе прави што мора да прави.

Издадени дваесетина лиценци

Во Комората на трговци на Македонија велат дека веќе ги издале првите лиценци.

– Досега издадовме дваесетина лиценци. Работата оди забавено затоа што има многу опструкции. Ние долги години работевме на новиот закон. Со него се става ред на пазарите, а и пазарџиите ќе бидат пензиско и здравствено осигурани. Со Стопанската комора заедно работевме на регулативата и не знам зошто сега тие излегуваат со големи забелешки – вели Екрем Долек, претседател на Комората на трговци на Македонија.

Стопанската комора на Македонија, во четвртокот на прес-конференција рече дека одржале состанок со Групацијата на пазари.

– Групацијата на пазарите бара да се преиспитаат одредбите со кои се уредува коморскиот систем на закупците на тезги со кои се дава овластување само на еден субјект да издава лиценци за трговци на зелени пазари, со што се монополизира системот. Од Групацијата сметаат дека и воведувањето лиценца и висината на цената што треба да ја платат за неа пазарџиите не соодветствува на нивната финансиска моќ. Вкупно 1,2 милиони евра ќе инвестираат 20.000 пазарџии само за добивање лиценци што се даваат по цена од 60 евра за една тезга –рече  Даниела Михајловска Василевска.

За што ќе се употребат парите од лиценците

Долек не се согласува со математиките на Групацијата на пазари. Тој вели дека допрва ќе се види колку пари ќе се соберат, а дека со тие пари треба многу нешта да се направат.

– Средствата што ќе се соберат, ќе ги управува Комората на трговци. Навистина, пазарџиите ќе плаќаат паушал за пензиско и за здравствено осигурување од 2.000 денари, но независно од тоа, секој месец треба да се прави пресметка за секој пазарџија. Тоа го прави Комората и таа треба да ангажира барем 10 сметководители. Потоа, за да имаме вистинско коморско работење, треба уште 30 вработени. Идејата е секаде каде што има поголем пазар, да има и регионална канцеларија на Комората. Исто така, сакаме да спроведеме една едукативно-информативна кампања меѓу пазарџиите, за нивни права, за подобро однесување кон купувачите, но и за сузбивање на кражбите на вага, кои се јавна тајна – вели Долек.

Според процените на Комората во Македонија има 15.000 тезги. Дел од нив се празни, а некои пазарџии држат и по повеќе тезги. За првата тезга, годишната лиценца е 60 евра, а за другите е по 40 евра.

На пазарите нема да смеат да работат речиси половина од продавачите

Според анкетното истражување на Групацијата за пазари, бројот на трговци со новиот закон ќе се намали за 30 до 50 отсто.

Со новата регулатива, како што е познато, на пазарите не смеат да работат пензионери, вработени, како и оние што примаат некакви хонорари.