Собранието ги поддржа законските дополнувања за исплата на лозарите

Според Бетиан Китев од СДСМ, Еден од предлагачите на законското решение, ретки се приликите во македонското општество кога и власта и опозицијата се едногласни дека треба да се решат проблемите кои настанале изминатиот период.

41

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 83. седница по скратена постапка ги поддржа дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој кои предвидуваат финансиска помош за земјоделците што од  2014 година до денес ги продале своите производи, но за нив од откупувачите се уште не добиле пари.

Со ова, како што беше речено, ќе им се излезе во пресрет не само на лозарите, туку и на останатите  производители.

Според Бетиан Китев од СДСМ, Еден од предлагачите на законското решение, ретки се приликите во македонското општество кога и власта и опозицијата се едногласни дека треба да се решат проблемите кои настанале изминатиот период.

-Решавањето на овој горлив проблем за Тиквешијата ќе се совпадне со редовното субвенционирање кое лозарите треба го добијат во перодот што следи. Верувам тоа нема биде период од години, туку период од денови, рече Китев и додаде дека финанисиската инјекција ќе биде добредојдена за лозарите.

Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека земјоделците нема повторно да бидат измамени и ја повтори потребата од интервентен фонд. Нагласи дека во овој случај во прашање се лозарите, но во реалноста има проблем со производителите и на другите култури.

-Не можам да не ги спомнам огромните стравувања на лозарите за претстојната сезона. Денеска ме контактираат голем број лозари и стравуваат за годинашниот откуп. Уште сега се поставува прашањето кој оваа година ќе го откупи грозјето во Тиквешијата. Затоа лозарите бараат измени во Законот за вино со цел навремено решавање на проблемите сега во феваруари, а не во септември додека трае откупот. И покрај сите други проблеми давам целосна поддршка ниту еден земјоделец да не биде доведен во оваа иста ситуација во која сега се лозарите, нагласи Чстојнова.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски ова е ад-хок решение. Мицевски нагласи дека во слична ситуација како лозарите се и другите земјоделци – производителите на јаболката во Ресен, млекопроизводителите поради што треба, како што рече, да се најде заедничко издржано решение за цел сектор.

Со измените на Законот за земјоделство и рурален развој државата ќе го исплати долгот што винарниците „Повардарие” и „Стефанс винарија” го имаат кон лозарите во најбрз можен рок. Опфатени ќе бидат сите лозари кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници што во тој период биле регистрирани во регистарот на МЗШВ, а обврските не им биле подмирени, односно не добиле пари за предаденото грозје. Како што најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски при завчерашната посета на Кавадарци, утре на владина седница треба да се донесе одлука со која државата ќе го преземе долгот кон лозарите кои побаруваат пари за грозје предадено пред во посочениот период, за да бидат исплатени во најкус можен рок.

Пратениците денеска во рамки на 83. седница по скратена постапка ги усвоија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги, како и Предлогот законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.