Штедењето во банка сè понеисплатливо – НЛБ ги укинува каматите на штедните влогови по видување

Банките речиси и да немаат камата по видување и таа кај најголем дел од нив е 0,01 отсто.

6363
Фото: Арбнора Мемети

Според движењата на пазарот во банкарскиот сектор, НЛБ банка ја укина каматата на позитивно салдо на трансакциските сметки на физичките и правните лица. Воедно, се укинува и каматата на денарските и на девизните депозити по видување кај физичките и правните лица.

Со вакво соопштение излезе третата по големина банка во Македонија – НЛБ банка. Оттаму информираа дека банката воведува месечен надоместок од 60 денари за водење девизна трансакциска сметка на правни лица – резиденти. Измените се со важност од 1.12.2018 година и се однесуваат на сите постојни и на новосклучените договори за трансакциски сметки и депозити.

Од другите банки сè уште нема вакво известување, но и тие речиси и да немаат камата по видување. Според објавените камати, НЛБ банка сега има камата по видување од 0,01 отсто, а толкава камата имаат речиси и сите други банки.

Мал износ на камата се дава и за орочените депозити. Така, за орочени денарски средства, каматата за една година во Стопанска банка е 1 отсто, во Комерцијална банка е 1,07 отсто, а во НЛБ банка 0,7 отсто.

Банкарскиот сектор има голема ликвидност и голем дел од парите ги пласира во државни хартии од вредност. Банкарите се оправдуваат дека домашните камати ги следат глобалните, домашниот сооднос на понуда и побарувачка, инфлацијата, како и курсот на денарот. Оттаму објаснуваат дека во текот на годините има намалување и на каматите на кредити така што разликата меѓу каматите што се даваат за штедни влогови и каматите што се наплатуваат за дадени кредити е слична.

Бројките и понатаму покажуваат огромни разлики меѓу каматите што ги наплатуваат банките за кредитите што ги даваат и каматите што тие ги плаќаат за депонираните средства кај нив.Така, во Стопанска банка приходите од каматите се 54,4 милиони евра, а расходите се 8,4 милиони евра.  Комерцијална банка за камати платила 6,2 милиони евра, но за кредитирањето си наплатила дури 36,8 милиони евра камати. НЛБ банка, пак, од каматите собрала 47,2 милиони евра, а за камати платила 6,9 милиони евра.

Најголемите три банки – Стопанска банка, Комерцијална и НЛБ банка во првите девет месеци од годинава оствариле добивка од 100 милиони евра. Споредено со минатата година, тоа е удвојување на добивката, но причината е Комерцијална банка, која во 2017 година мораше да издвои многу пари за ставката „исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност“.