Секој вработен во ТИРЗ месечно ја чини државата во просек по 7.791 евра!

Во Дирекцијата за ТИРЗ годинава има 65 вработени, што е за 7 вработени помалку од лани, но за секој од нив трошоците се поголеми за по 2.791 евра месечно.

398

За администрацијата годинава од Буџетот на РМ се наменети 461,6 милиони евра што е за 5,8 отсто повеќе од износот во Буџетот за 2018 година. Според бројките во Буџетот, најмногу среќа имаат вработените во Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), познати како слободни зони. Во оваа институција работат 65 вработени, а оперативен расход за секој вработен е во просек по 7.791 евра месечно!

Во буџетите редовно се објавуваат просечни оперативни расходи по вработен во секое министерство, агенција и буџетска институција, при што под оперативен трошок се подразбира бруто-платата, но и дневници за патувања, дообуки и едукација за вработените.

Голем раст на трошоците за вработен

Дирекцијата за ТИРЗ редовно има најголем оперативен расход по вработен, во однос на сите други буџетски корисници. Според ланскиот буџет, во 2018 година имало 72 вработени, но значително помал оперативен трошок по вработен – 5.000 евра месечно, односно годинава вработените во ТИРЗ се поскапи за по 2.791 евра месечно.

Иронично е што според последните објавени податоци од крајот на 2017 година, просечната плата на еден вработен во фабриките во слободните зони е 265 евра месечно.

Во Буџетот точно е прецизирано што е дејноста на Дирекцијата за ТИРЗ.

„Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони ги врши работите поврзани со основање, развој и следење на зоните, промовирање и привлекување основачи и корисници на зоните, го следи работењето на зоната и предлага мерки до Владата на Република Македонија за нивно унапредување, во случај кога Владата на Република Македонија е основач на зона, ги врши работите од надлежност на основачот на зоната, како и други активности согласно со закон. Активностите се насочени кон реализација на проектите за инфраструктурно уредување на ТИР-зоните во Република Македонија во насока на обезбедување оперативни услови за влез на нови инвеститори, зголемување на вработеноста и економскиот раст, привлекување потенцијални странски и домашни инвеститори и давање услуги за поддршка и грижа за инвеститорите во ТИР-зоните преку остварување директна комуникација и решавање на тековните проблеми во врска со работењето во зоните“, пишува во Буџетот.

Промоторите работат поевтино

За странските инвеститори има и Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот.

„Основна цел на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија е обезбедување зголемен прилив на странски директни инвестиции преку презентирање на поволностите што Република Македонија им ги нуди на инвеститорите, промовирање на регионите на Република Македонија и поттикнување на странските инвеститори да користат производи и услуги од македонските претпријатија“, пишува во Буџетот.

Оваа Агенција има 33 вработени, а оперативниот трошок по вработен е 3.105 евра месечно.

За разлика од Дирекцијата за ТИРЗ, па и од Агенцијата за странски инвестиции, другите буџетски институции имаат значително помал оперативен расход по вработен. Така, на пример, вработените во Владата во просек чинат по 2.508 евра месечно, во МВР по 1.134 евра, во Министерство за правда по 1.115 евра, во Министерство за надворешни работи по 3.714 евра, во Министерството за финансии по 1.044 евра, во Министерството за економија по 1.738 евра, во Министерството за образование по 1.536 евра, во Министерството за локална самоуправа по 1.084 евра, во Министерството за здравство по 2.533 евра, а со поскромен оперативен расход по вработен се Министерството за информатичко општество и администрација со 814 евра месечно и Министерството за култура по 857 евра.