Само кај нас еден отсто од најбогатите имаат 14,4 отсто од вкупниот доход

Ниту една држава од Западна Европа никогаш немала пропорционален персонален данок. Исклучок беше Ирска, која таков данок имаше една година.

421

Македонија е европски шампион во однос на тоа колкав доход заработуваат најбогатите граѓани. Ова е една од причините зошто во Македонија треба да се напушти пропорционалниот персонален данок, кој значи една даночна стапка од 10 отсто, независно од остварените доходи и да се воведе прогресивен данок, каде што ќе има повисок персонален данок за оние со поголеми приходи.

Ова го истакна поранешниот министер за финансии Никола Поповски, кој учествуваше на вчерашниот експертски панел „Судбината на реформите во услови на политичка криза“.

Поповски вели дека во Министерството за финансии веќе една година се работи на воведувањето прогресивен данок, а тој бил вклучен во една од работните групи. Засега се зборувало за три даночни стапки – 10, 15 и 18 отсто. Притоа, стапките од 10 и од 18 отсто треба да важат за персонален данок на приходи од труд, при што идејата е поголемата стапка да биде за месечен приход над 1.000 евра, додека стапката од 15 отсто би се применувала за капитални приноси, како што се приходи од дивиденда и од издавање на недвижен имот.

– Откако е воведен пропорционалниот персонален данок во 2008 година, годишно во просек во буџетот се губат по 40 милиони евра. Пропорционалниот данок се напушта и поради релативната рамноправност на даночните субјекти.  Во Македонија има и една конкретна цел – да се намалат растечките социјални разлики. Според расположливите податоци, еден отсто од населението со највисоки доходи во Република Македонија заработуваат 14,4 отсто од вкупниот доход во државата, а она што е најстрашно е што тој сооднос е највисок  во Европа. Никаде во Европа еден отсто од населението со највисоки доходи не заработува 14,4 отсто од вкупниот доход на годишно ниво. Јасно е дека пропорционалниот данок ги зголемува разликите – вели Поповски.

Поповски зборуваше и за хронологијата на персоналниот данок и рече дека тој кај нас е многу непредвидлив.

Персоналниот данок е воведен во 1994 година и тогаш имало три стапки – 23, 27 и највисоката била 35 отсто, а се однесувала за доходот повисок од две просечни плати. Во 2001 година се зачува прогресивното оданочување, но стапките се преполовија и се воведоа стапки од 15 и од 18 отсто. Во 2005 година пак, прогресивното оданочување се прошири и пак имаше три стапки – од 15, 18 и од 24 отсто за приходи над 12.000 евра годишно. Потоа, во 2007 година се воведе единствена стапка од 12 отсто, а во 2008 година  – една даночна стапка од 10 отсто.

– Ние пред 10 години влеговме во групата земји кои имаат пропорционална и многу ниска стапка на данок на приход. Тоа е феномен кој во Европа се прошири исклучиво во новодемократизираните земји, исклучиво од поранешни социјалистички земји, со исклучок на Ирска, која ја прифати пропорционалната стапка во 2007 година, а ја укина во 2008 година. Ниту една друга држава од Западна Европа никогаш немала пропорционален персонален данок – рече Поповски.

Поповски објасни дека пропорционалните стапки почнале во 1994 година во Литванија, Естонија, потоа во 1997 се приклучи Летонија, па Русија, Украина, Словачка, Романија, Чешка и Романија, а Албанија, Македонија и Црна Гора се приклучиле меѓу 2004 и 2008 година.

– Чешка, Словачка, Црна Гора, Летонија и Албанија го напуштија пропорционалниот модел на персонален данок, а Македонија и Босна и Херцеговина се во процес на негово напуштање – рече Поповски.