Рестрикциите за увоз на челик ќе бидат продолжени до јули 2021

Европската Комисија потврди дека во петок ја известила Светската трговска организација за својата намера да воведе трајни рестрикции врз увозот на челик до 16 јули 2021, јави дописничката на МИА од Брисел.

97

Европската Комисија потврди дека во петок ја известила Светската трговска организација за својата намера да воведе трајни рестрикции врз увозот на челик до 16 јули 2021, јави дописничката на МИА од Брисел.

По воведувањето на повисоки тарифи врз увозот на челик и алуминиум во САД минатата година, Европската Унија одлучи исто така да ги зголеми царините врз одреден број челични производи, со што очекува да се заштити од трговската диверзија што ја предизвикуваат американските мерки.

По внатрешна истрага, Европската Комисија воведе привремени рестрикции врз увозот на челик во времетраење од двесте дена, рок кој завршува на почетокот на оваа година. ЕК сега смета дека рестриктивните мерки треба да бидат продолежни до 16 јули 2021.

Новите правила ќе важат „ерга омнес”, односно врз увози од сите потекла и се однесуваат на 26 категории на челични производи.

Царина од 25 отсто ќе се применува врз увозот на овие челични производи откако земјата-увозник ќе ја постигне стапката на “традиционални текови”. Традиционалните текови на увоз од дадена земја во ЕУ се пресметуваат врз основа на просекот на увозот од последните три години.

Македонија веќе предупреди дека нејзината челична индустрија ќе биде многу погодена од ваквите рестрикции, а премиерот Заев телефонски разговараше со претседателот на ЕК Жан Клод Јункер пред празниците на оваа тема. Европската Комисија за сега не коментира за барањата на Македонија, но не се очекува да биде изземена од мерките.

Европската Комисија преку соопштение објасни и дека главните снабдувачи на челик ќе добијат “индивидуални квоти” врз основа на нивните “историски увози”, но без повеќе детали за кои земји се работи.

Предложените квоти сега треба да бидат одобрени од страна на земјите членки на ЕУ кон средината на овој месец. Доколку бидат усвоени ќе стапат на сила на почетокот на февруари.