Пазарот не е „жеден“: ОПЕК го намалува производството

Во месечниот извештај на ОПЕК се наведува дека побарувачката на нафта на овој картел во 2019-та изнесува просечно 30,46 милиони барели дневно

62

Огранизацијата на земји извознички на нафта ја намали прогнозата за глобалната побарувачка на нафта на своите членки во 2019-та, затоа што конкурентските земји го зголемија производството.

Во месечниот извештај на ОПЕК се наведува дека побарувачката на нафта на овој картел во 2019-та изнесува просечно 30,46 милиони барели дневно, што е за 130.000 барели дневно помалку во однос на предвидувањето од минатиот месец и под количеството кое моментално се произведува, пренесува „CNBC“.

ОПЕК и партнерите во овој нафтен картел, како Русија, го намалија производството на 1,2 милиони барели дневно од 1-ви јануари 2019-та, што ќе биде во сила шест месеци.

Растечкото производство надвор од овој нафтен картел укажува на потребата на понатамошно ограничување на производството внатре во ОПЕК, се проценува во извештајот, а како што наведуваат аналитичарите, оваа организација би можела да го продолжи важењето на договорот за намалување на произвдството.

Дневното производство на нафта внатре во ОПЕК е намалено во февруари за 221.000 барели во однос на јануари, или на 30,55 милиони барели. Во тоа намалување Венецуела учествуваше со половина, бидејќи производството на оваа земја во февруари се намали за 142.000 барели на 1,0 милиони барели дневно, се наведува во извештајот.