Народна банка: Растот на економијата лани 2,7 отсто

Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од минатата година покажуваат солиден економски раст од 3,7 отсто

29

Реалниот раст на економијата лани според објавените информации на Народната банка е 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто.

– Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од минатата година покажуваат солиден економски раст од 3,7 отсто, на годишна основа, што е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции. Од аспект на структурата на растот, подобрите остварувања главно се објаснуваат со повисокиот раст на личната и јавната потрошувачка во однос на очекувањата од проекциите. Согласно со очекувањата, бруто-инвестициите исто така имаат раст, нешто помал од проектираниот. Гледано за целата 2018 година, реалниот раст на економијата изнесува 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто, наведуваат во соопштение од Народната банка.

За првиот квартал на оваа година, додаваат дека во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата. Сепак, достапните податоци упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, при забрзан раст на активноста во индустријата и натамошен раст на прометот во трговијата.

Во првите два месеца од годината просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,1 отсто и е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. Оцените за движењето на поголемиот дел од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Во вакви услови, наведуваат од Народната банка, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2019 година од два отсто тековно се оценуваат како надолни.

Расположливите податоци од надворешно-трговската статистика за јануари упатуваат на трговски дефицит што главно е во согласност со очекувањата за првиот квартал од годината. Од останатите расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на февруари укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери што се во рамки на очекуваните за првото тримесечје од оваа година. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања за 2018 година е помал во однос на октомвриската проекција и изнесува 0,3 отсто од БДП, наспроти проектираните 0,5 отсто од БДП. Позицијата на финансиската сметка е значително подобрa, со нето-приливи од 5,3 отсто од БДП наспроти проектираните од четири отсто од БДП, главно како одраз на повисоките приливи врз основа на директни инвестиции. Девизните резерви на крајот на февруари се нешто пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и се одржува во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за февруари годинава покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите, со поволни поместувања од аспект на валутната и секторската структура. Поради подобрите остварувања на крајот на 2018 година, растот на депозитите, на годишна основа и натаму го надминува проектираниот за крајот на првиот квартал од оваа година. Во однос на кредитната активност, послабите остварувања на крајот на минатата година придонесуваат за одржување на кредитирањето на пониско ниво од очекуваното, а со тоа и за негов малку понизок годишен раст во однос на проектираниот.

Ликвидноста на домашните банки и натаму се зголемува, при што активноста на меѓубанкарскиот пазар на депозити е релативно мала. Вишокот слободни парични средства е пренасочен кон расположливите депозити кај Народната банка, што,како што стои во соопштението, овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти.

На девизниот пазар, банките на нето-основа откупиле умерен износ на девизи во трансакциите со клиентите. Ваквите пазарни движења во комбинација со вложувањата на банките во инструменти со валутна компонента придонесле за раст на нивната девизна ликвидност и интервенции на Народната банка со умерен откуп на девизи од банките поддржувачки на девизниот пазар.

На седницата е заклучено дека согласно со постојните економски и финансиски услови, согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се нешто поповолни од претходно, што укажува на тоа дека постои простор за натамошно намалување на основната каматна стапка. Растот на економијата во последниот квартал, како и за целата 2018 година е подобар од очекуваниот, во отсуство на притисоци врз цените од домашната побарувачка, што се согледува преку натамошната ниска и стабилна стапка на инфлација. Движењата на девизниот пазар и натаму упатуваат на поволна надворешна позиција на економијата и доверба во домашната валута. Во прилог на ваквите согледувања, според Народната банка, е и порелаксирачкиот тон во реториката на ЕЦБ, изразен на последниот состанок, односно најавите за нова серија операции за рефинансирање и очекувањето дека клучните каматни стапки ќе се задржат на тековните нивоа подолго од претходно очекуваното.

Ризиците и понатаму се присутни, а Народната банка, наведува во соопштението, ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.