МТСП: За вработување и отворање нови бизниси во 2019 година на располагање 1,1 милијарда денари

Од МТСП потсетуваат дека Оперативниот план за вработување за 2018 година имал високи 95 отсто реализација.

82

Владата на денешната седница го усвои новиот Оперативен план за вработување за 2019 година, за кој се издвоени рекордни 1,1 милијарда денари, што е највисок износ досега и е за речиси три пати поголем од 2014 година, кога за истата намена беа исплатени 406 милилони денари, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.

Мерките се фокусираат на доквалификација, вработување на најранливите категории, поддршка за стартапите и иновативните бизнис идеи. Во процесот на креирање на овие мерки за првпат се вклучени сите чинители.

-Врвен приоритет на МТСП и на Владата е обезбедување нови работни места. За Оперативниот план за вработување 2019 година издвојуваме рекордни 1,1 милијарда денари и се фокусираме на преквалификација и доедукација. Во 2019 да дадеме шанса за сите оние кои имаат образование, а се без работа, да ги прилагодиме на фактичката состојба и да ги активираме на пазарот на трудот. Новите работни места ги планиравме заедно со работодавците, односно за првпат мерките ги работевме во соработка со сите чинители и според реалните потребите во државата и на локално ниво, се вели во соопштението од МТСП.

Со Оперативниот план за 2019 година особен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, како и на корисниците на гарантирана минимална помош.

-Оваа година Оперативниот план ги опфаќа и физичките лица, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост. Со ОП 2019, меѓу другото, овозможуваме обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини, како и обуки за дигитални вештини. Исто така, се продолжуваат програмите „Практиканство”,„Општинско-корисна работа” и „Јавни работи”, велат од Министерството.

Од МТСП потсетуваат дека Оперативниот план за вработување за 2018 година имал високи 95 отсто реализација.

Со него за првпат е воведена „Гаранцијата за млади”, преку која се се вработија 1.839 лица. Преку учество во програмата Самовработување, сопствен бизнис отвориле 1.191 лица, а една од најбараните била програмата „Практиканство”, во која се вклучиле 1.263 невработени лица до 34 годишна возраст.

Носител на Оперативниот план е Министерството за труд и социјална политика, а неговата имплементација е во надлежност на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во партнерство со други одговорни институции.