Манчевски: Македонија почна дигитална трансформација, резултатите ќе бидат видливи за граѓаните веќе од почетокот на 2019 година

88
Фото: Фокус

Наша цел е да ги максимизираме можностите што ги нудат новите технологии и да создадеме средина што одговара на дигиталната ера, која ќе донесе раст, ќе ги зголеми инвестициите и ќе создаде нови можности за бизнисите во сите сектори, истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на меѓународната конференција „Дигитокс“ (Digitalks), што вчера и денеска се одржува во Приштина.

Тој наведе дека Македонија почна дигитална трансформација, посочувајќи дека резултатите ќе бидат видливи за граѓаните веќе од почетокот на 2019 година.

– Воведуваме електронски регистар на граѓани. Новиот Национален портал за е-услуги ќе биде промовиран на почетокот од 2019 година. Создаваме Каталог на сите административни услуги што администрацијата ги нуди за граѓаните и бизнисите. Граѓаните ќе можат да добијат информации за која било услуга на едно место, нагласи Манчевски.

Министерот изјави дека е усвоена Стратегијата за отворени податоци, информирајќи дека новиот портал за отворени податоци до крајот на годината ќе биде ставен во функција.

– Административната реорганизација треба да води кон подобра бизнис клима, кон администрација ориентирана кон граѓаните. Ова ќе значи поставување на нови правила. Владите кои ќе постигнат успех во процесот на дигиталната трансформација ќе бидат поуспешни. Само оние кои ќе воведат промени во нивните услуги и постојано ќе го подобруваат начинот на којшто соработуваат со граѓаните и бизнисите ќе успеат, рече министерот Манчевски.

Тој наведе дека Владата ја усвоила Стратегијата за сајбер безбедност, како и дека изготвена е предлог-верзија на Акциски план за нејзино спроведување.

– Во тој контекст, Македонија аплицира за да биде домаќин на Регионалната академија за сајбер безбедност. Нашата цел е оваа институција да обезбеди обука за вработените во јавниот сектор од сите земји од регионот. Заедно со другите пет држави од Западен Балкан и во соработка со Европската комисија, работиме на конкретен Акциски план за намалување на цените на роаминг со земјите од Европската Унија, потенцираше министерот.

Тој изрази надеж дека наскоро Косово и Албанија ќе станат дел од договорот за регионален роаминг.

– Македонија потпиша билатерален договор за намалување на роаминг трошоците со Бугарија, а наскоро ќе потпишеме и со Грција, заклучи министерот Манчевски.