Македонија има потенцијал за бањски и спа туризам, но не се користи доволно

119
Фото МИА

Македонија има над 65 извори на термални води, но наместо за бањски лекувалишта и велнес центри ги користи за загревање оранжерии и други видови производство.

Како што изјави денеска државниот секретар во Министерството за економија Зоран Павловски, имаме одлични услови за бањски и СПА-туризам, посакувана дестинација сме, а Нејшнл Џеографик не рангира на 26. место за алтернативен туризам.

– Во моментов имаме осум до 10 класични бањи, но заложбата е изворите со термални води полека да се отвораат и да се ставаат во функција на туризмот. Се повеќе луѓе обрнуваат внимание на своето здравје, а ние имаме голем потенцијал за алтернативен туризам – истакна Павловски по денешната трета Македонска туристичка берза.

Според него, Македонија секоја година бележи зголемување на бројот туристи. Очекувањата се да ја надминеме бројката од 1,2 милиона што ќе значи зголемување на приходот во Буџетот.

Оценка на Васил Сулев од Националната асоцијација за дојдовен туризам е дека Македонија следната година може да достигне раст од 20 проценти и да ги надмине сегашните 16 отсто.

Преку Македонската туристичка берза која овозможува средби на туристичките работници и агенциите, минатата година се реализирани еден милион евра, а од сегашните бизнис конекции се прогнозираат вкупно 1,5 милиони.