Граѓаните гневни на банкарските камати: За нашите пари ништо не ни даваат, за кредитите нè дерат!

За пари на тековна сметка или на штедна книшка, а кои не се орочени, камата не постои. Сите плати, пак, се префрлаат на некоја банкарска сметка и ретко кој ја вади платата одеднаш, а во меѓувреме банката располага со тие пари, па дури и наплатува провизија за водење сметка.

556

Граѓаните се револтирани од каматите во банките за нивните штедни влогови и депозити. За пари на тековна сметка или на штедна книшка, а кои не се орочени, камата всушност и не постои, пишува денешен „Слободен печат“. Во најголем дел од банките таа е симболични 0,01 отсто, а НЛБ банка од први декември ја елиминираше и таа симболична камата и соопшти дека граѓаните за овие пари нема да добијат ниту денар од банките.

Од друга страна, во државава сите граѓани своите приливи ги добиваат преку банкарски сметки. Многу ретко некој од граѓаните веднаш ја вади платата што ќе ја добие. Така, банките располагаат со нивните пари додека граѓаните постепено го трошат износот во текот на месецот.

Покрај приливите што задолжително одат на трансакциска сметка, и покрај ниските камати, граѓаните во банка чуваат заштеда, а таму вообичаено остануваат и приливи од разни продажби на земјиште, или имот.

Ни денар за „легнатите“ плати

Граѓаните што ги затекнавме пред банките велат дека е безобразно банкарите да им наплатуваат огромни камати за кредитите, а од друга страна ништо да не им даваат за депозитите.

– Не добивам ниту денар за тоа што мојата плата „лежи“ во банката, а од друга страна имам кредитна картичка и на неа ми наплатуваат 10 отсто камата. Дополнително, за секој ден задоцнување се наплатува казнена камата. Ми оди од револт кон банките, штом ќе ми дојде плата, веднаш да ја подигнам. Но, во време на електронско плаќање, и тоа не оди! – вели нашата соговорничка.

Во разговорот ни се приклучи и една млада мајка, која вели дека секој месец внесува по некој денар на штедните книшки што ги отворила за своите две деца, кои сега имаат 7 и 10 години.

– Ова не е никакво детско штедење, како што го промовираат банките. Јас всушност само им ги носам парите на чување на банкарите. За тоа, добивам некаква минимална камата, која кога ќе се собере вкупно, до нивното полнолетство, не верувам дека ќе биде доволна ни да се почестат со по еден убав пар чевли – револтирано раскажува мајката.

Што кажуваат бројките?

За тоа како функционира кредитирањето, еден наш сограѓанин отворено зборуваше со конкретни бројки.

– Имам таканаречена револвинг кредитна картичка со дозволен минус од 60.000 денари. Тоа се картички каде што една помала сума од потрошеното враќам секој месец. Јас сум сега во минус околу 36.000 денари и еве конкретно месецов треба да уплатам 2.100 денари, а пресметаната камата ми е 280 денари. И тоа е така секој месец. Нешто ќе вратам, нешто ќе потрошам и во зависност од тој износ месечно плаќам камата меѓу 200 и 300 денари, или годишно за камата ќе ми отидат околу 50 евра, а јас во просек должам 500 евра годишно. Секако, јас сум се согласил на тие услови и со кредитната картичка обично затворам некоја дупка. Но, покрај каматите, банките наплатуваат и разни други провизии. Така, за моите пари ми наплатуваат услуга за водење сметка, а ништо не ми даваат – вели скопјанецот.

Според податоците од Народната банка, заклучно со октомври, граѓаните во банките имаат 4 милијарди евра, а имаат земено кредити за 2,4 милијарди евра. Трите најголеми банки, Стопанка банка, Комерцијална и НЛБ банка, за пласираните кредити наплатиле камати од 138,4 милиони евра годинава, заклучно со октомври, а за влоговите на фирмите и на граѓаните, платиле камата од 21,5 милиони евра.

Банкарите велат: Вака не е само кај нас

Од Комерцијална банка објаснуваат дека трендот на пониски каматни стапки на штедните влогови на банкарскиот пазар во Македонија постои неколку години наназад и дека оваа состојба не е присутна само кај нас, туку постои и на регионално и на глобално ниво, при што, на светскиот пазар долги години постои трендот на негативни каматни стапки на депозити.

– Висината на каматните стапки на депозитите зависи од макроекономските фактори, како и од состојбата на банкарскиот пазар, а пред сè од можноста за оплодување на овие средства преку пласмани од страна на банките. Во услови на зголемена ликвидност на банкарскиот сектор, логично е одржување ниско ниво на каматни стапки на депозитите. Ниските каматни стапки на депозити воедно стимулираат инвестирање и лична потрошувачка – велат од Комерцијална банка.

Оттаму велат и дека депозитите по видување по својата суштина се средства што не се наменети за штедење, туку за други потреби на клиентот. За овие пари, објаснуваат од банката, клиентот не се обврзал со рок во кој ги става на располагање и вообичаено тие носат многу ниска камата или се без камата (во зависност од видот на депозитот по видување).

Во банките има вкупно 3.905.114 трансакциски сметки, од кои 3.717.802 се на физички лица, а 187.312 се на правни лица. За водење на овие сметки, банките наплатуваат провизија.