Бизнис делегација од Јужна Кореја во посета на Македонија, ќе се интензивира економската соработка помеѓу двете земји

Фото: Принтскрин/МИА

Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска е домаќин на бизнис делегација од Република Кореја предводена од Јанг Сунг Мин, висок советник за стратегии на претседателот на Јужна Кореја. Се усогласува текст на меморандум со кој ќе се постават темелите на идната економска соработка.

-Овде сме со делегација на Јужна Кореја со цел да ја унапредиме нашата економска соработка и билатералните односи меѓу Северна Македонија и Јужна Кореја. Имаме многу заеднички работи меѓу нашите две земји – имаме демократија во нашите држави, заеднички вредности, економските текови ни се заедничка цел, а исто така ги споделуваме и вредностите на НАТО, рече Сун Мин во изјава за медиумите по средбата со Битиќи.

Тој изрази надеж дека „со оваа наша посета и со нашата соработка ќе успееме да го споделиме нашето знаење, искуство, и ќе ги пренесеме овие вредности во понатамошната соработка со вашата држава“.

-Сакаме да испшеме историја, сакаме да соработуваме заедно да ја испишеме таа историја и ве уверувам дека ќе работиме и ќе соработуваме заеднички, додаде Сун Мин.

Битиќи посочи дека бизнис делегацијата од Кореја е составена од претставници на реномираните светски компании Hyundai, Samsung, LG, Лоте, и Корејската трговска и индустриска комора.

-Со Јанг Сунг Мин се сретнавме во април и ги започнавме разговорите за продлабочување на економската соработка кои денеска резултираат со усогласување на текст за меморандум за соработка што ќе биде потпишан идната недела, со што ги поставуваме темелите на идната економска соработка меѓу нашите две земји, рече Битиќи.

Со меморандумот, појасни, ќе ја интензивираме веќе воспоставената трговска и инвестициска соработка, а фокусот ќе биде ставен на автомобилската индустрија, туризам, енергетската индустрија, со акцент на таа од обновливи извори, ветер и водородна енергија, фармацевтската индустрија и инфраструктурата.

Меморандумот предивидува комуникација и соработка меѓу владините институции, поврзување професионални организации, комори и здруженија, посети, контакти и активности наменети за унапредување на соработката меѓу компаниите, службениците и економските организации.

-Северна Македонија како земја членка на НАТО има голем потенцијал за привлекување странски инвестиции. А наш адут е добро образованата и квалификувана работна сила што не прави привлечна дестинација за странските бизниси. Компаниите кои денеска се присутни овде се високотехнолошки и напредни компании кои секогаш креираат голема додадена вредност, рече Битиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот