Бизарната граница на Естонија и Русија која го збуни светот

Фото: Википедија

Во источна Естонија, возможно е накратко да се влезе во Русија без било какви документи, но се применуваат и некои необични услови, пишува редакцијата на „Радио Слободна Европа“ (РСЕ) на англиски јазик, пренесувајќи го текстот на Амос Чапл, фоторепортер од Нов Зеланд кој работи со теми поврзани со поранешниот Советски Сојуз.

Станува збор за местото „Сатсеска чизма“, дел од руска земја кој влегува во естонскиот округ Сетома и го пробива патот меѓу две естонски села. Граничната аномалија потекнува од периодот на Втората светска војна кога Советскиот Сојуз ја анектирал Естонија.

Откако Јосиф Сталин во 1944 година од нацистите ја одземал малата балтичка држава, границата меѓу руската и естонската советска република се прекројувала, намалувајќи ја територијата на Естонија. Во тоа време еден етнички Русин се обидувал да ја задржи својата (сега напуштена) фарма во руската земја, додека селата од двете страни на фармата останале на територија на Естонија.

Одликата на рускиот земјоделец немала последици во времето кога било слободно да се патува меѓу двете советски држави. Но, во 1991 година, Естонија повторно стекнала независност и се нашла со нешто повеќе од еден квадратен километар на руска територија кој го сече единствениот директен пат меѓу двете естонски села.

Кремљ брзо прифатил да им дозволи на луѓето од естонската страна да го користат патот преку руската територија, но само под строги услови: Оние кои проаѓаат мораат да останат во своите возила и не им е дозволено да застанат. Во „возила“ се вклучуваат и велосипеди, автомобили и мотоцикли, но не и скутери. Русија исто така го задржува правото да застане било кое возило кое минува низ шумата која е под голем надзор на надлежните служби.

Оваа ситуација довела до голема бројка на меѓународни инциденти, кога руските гранични агенти во зоната уапсиле луѓе кои не ги знаеле или не ги прифаќале правилата. Во 2017 година, двајца работници влегле во навидум празната шума за да ја проверат својата мапа. Руските агенти ги притвориле двете лица и ги пренеле во најблиската руска погранична станица. Естонците се пуштени откако платиле казна од 2.000 рубљи (28 евра).

Раул Кудре, градоначалник на регионот Сетома, кој руските граничари еднаш го притвориле пред 10-тина години додека џогирал во овој регион, изјави за „РСЕ“ дека денес работите на границата се далеку поопуштени, а граѓаните се навикнати на ситуација и прилагодени на околностите.

Но, поголема загриженост за властите претставува се поголемиот број на туристи кои доаѓаат таму, поради необичната ситуација и минувањето низ територијата во облик на чизма, па така тие често ги прекршуваат правилата кои ги применуваат естонските и руските гранични служби. Ситуацијата за која Кудре вели дека завршила „помалку тажно“ за некои турисити – во 2018 година естонската полиција парично казнила Германец (со 60 евра) поради застанување во руската територија.

Русија и Естонија неодамна направиле чекори кон решавање на прашањето за границата, предложувајќи размена на земјиште со која Русија би отстапила две територии во замена за еден парче естонска земја на друго место долж границата. Размената на територии требало да биде завршена во 2013 година, но некои несогласувања во одреден момент довеле до прекинување на договорот. Естонската гранична полиција за „РСЕ“ изјавила дека планираната размена на земјишта и понатаму е „актуелна“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот