Битолскиот Совет на вонредна седница треба да изгласа измена на одлука стара 25 години

Фото: Васка М.Младеновска

Битолскиот градоначалник Тони Коњановски побара советниците во општинскиот Совет час поскоро да дадат зелено светло за неговиот предлог за измена на Одлуката за означување на условите и утврдување на режимот на сообраќајот во централното градско подрачје во Битола од 1999 година.

-Предлогот го иницирав поради зголемени градежни активности во централното градско подрачје и изградбата на топловодната дистрибутивна мрежа на град Битола, која се одвива на повеќе локации во градот, моментно на улицата „Партизанска“ и спојот на улицата „Баталјон Стив Наумов“ со улицата „Филип Втори Македонски“, како и активности кои ги изведува Општина Битола согласно годишните програми како и развојната програма за улиците „Стив Наумов“ и „Солунска“. Со донесувањето на измената на оваа Одлука, во време на зголемени градежни активности, ќе се овозможи непречено одвивање на сообраќајот и во терминот од 19.00 до 24.00 часот на ул. „Димитар Илиевски – Мурато“, од раскрсницата со улица „Никола Тесла“ до влезот на паркингот пред Центарот за култура во Битола-стои во предлогот на Коњановски доставен до Советот на Општина Битола.

По доставувањето на барањето од градоначалникот Коњановски претседателката на Советот, Габриела Илиевска побара дообјаснување, по што истото беше прифатено и таа за утре закажа вонредна седница на Советот на Општина Битола, со бараната точка на дневен ред.

Инаку, со цел да се растерети сообраќајот во централното градско јадро, по примерот на европските градови и да се намали фреквенцијата на возилата, градоначалникот Коњановски, деновиве побара од јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг изработка на Основен сообраќаен проект за воведување на пешачка зона на плоштадот „Гоце Делчев“.

-Тоа ќе значи подобра уреденост, зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот и намалување на аерозагадувањето од возилата во центарот на Битола. Во оваа насока, сообраќајниот проект се работи според сообраќајна студија и идеен сообраќаен проект со динамичка микроскопска симулација за организирање на режим на сообраќај во централно градско подрачје во Битола. Претворањето на паркингот во пешачка зона е само еден дел од целата студија, а изработени се и два сообраќајни проекти за централното градско подрачје за претворање на улици од двонасочен во еднонасочен сообраќај, пешачки зони, смирен сообраќај и друго-велат од Битолската локална самоуправа.

Потоа, Општина Битола од јавноста и експертите ќе побара да понудат идејно решение кое ќе даде добра насока за целосно уредување на плоштадот со нови содржини.

-Дополнително, за да не се појават недостатоци на паркинг места, локалната самоуправа работи на подготовка на проектна документација и уредување на паркинг простори на повеќе локации, како што се „Декорпод“, „Ат Пазар“, „Овчи пазар“, соодветно се адаптира просторот кај поранешен ЈАТ, паркинг просторот на улицата „Цане Василев“, а ќе следуваат и површините наменети за паркирање кај улиците „Нико Фундали“, „Никола Русински“, просторот меѓу зградите таканаречени „Хеликоптери“, како и делот зад Секторот за внатрешни работи во Битола-додаваат од локалната самоуправа која во координација со ЈП Паркинзи, спроведува активности за поттикнување на граѓаните за активно користење на постоечките обележани паркинг простори и надминување на проблемите со паркирање на возилата на несоодветни места и зелени површини.

Доколку Советот ја донесе бараната измена, истата би важела заклучно со 31.12.2024.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот