Битолскиот народен театар го слави јубилејот 80 години од првата претстава на својата сцена
Со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ во режија на тројца режисери од Народен театар Битола (НТБ) – Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева, Јован Ристовски – на 14 ноември, на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“ во Битола, ќе биде одбележан јубилејот 80 години од формирањето на битолскиот Народен театар.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот ќе биде отворена и изложба на театарски плакат, постери и каталози креирана од Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, посветена на претставите на Народниот театар од Битола, а ќе биде изложен и печатачот со кој во минатото се печателе промотивните театарски материјали.
– Во историското катче ја имаме трајната постановка, на дел од добиените награди и признанија за Битолскиот театар. Изложени се околу 200 од нив. Изложбата содржи 100 плакати, постери, каталози на Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, посветени на претставите во НТБ. Повеќето од нив се оригинални, печатени во 70-тите и 80-тите години – истакнува в.д. директорот Васко Мавровски.
Во архивата на Театарот е забележано дека на 14 ноември 1944 година во Битола е изведена првата претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски, а веднаш потоа е формирано првото театарски јадро со Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Римејкот на претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ е составен од три дела во режија на Ристевска Петрушева, Ристовски и Мицевски.
– Симболично сакаме да кажеме дека театарот продолжува и после 80-годишнината, заеднички и обединето. Интересно е што во оваа едночинка се опишува константната промена на идентитетот на нашиот народ заради повеќе причини. Момент кој се провлекува низ нашата историја доста долго. Јас ја поставив оваа едночинка низ комедијата, иронијата и гротеската. Ѓоре кај мене е Александар Димитровски, а сите други актери се жени, па го опишуваме тој момент како жената се справува со промената на идентитетот и сите проблеми кои доаѓаат од таа промена. На крај гледаме како тие жени, народ, таа држава им пресудуваат на предавниците – истакна Софија Ристевска Петрушева на прес-конференција одржана во НТБ, додавајќи дека единствено што е важно за секој човек се честа, моралот, лојалноста и солидарноста, а никој на крај не го почитува предавникот.
– Луѓето во таа 1944 живееле во едно друго време и со друга идеологија. 80 години потоа, овој народ не живее со иста идеологија. Порано сите се бореле за одредени вредности, она што денес недостига. Во мојот дел од претставата отворив прашања за оние делови од историјата, но и сегашноста кои Македонецот ги премолчува, оној дел кога се плашиме да ја изговориме вистината – изјави Јован Ристовски.
Режисерот Мицевски истакна дека неговиот дел од претставата е повеќе документарен.
– Таа историја се повторува и ни се случува и во овој момент. Секоја вистина има повеќе вистини. Целиот проект го гледам како таков во потрага по тоа што е вистина, кои се наши херои, кои се наши предавници. Историјата треба да биде некаков учебник од кој ние ќе извлечеме поуки, кои ќе нѐ носат во некој подобар и поубав свет. Она што ми е најважно е дека овој театар како прв во државата во континуитет до денес, изведува претстави на македонски јазик, дека и понатаму е еден од театрите кој може да изведе ваква претстава. Се надевам дека оваа претстава ќе остане како еден документ и инспирација за тоа што сѐ овој театар може – изјави Мицевски.
Авторката и драматург Билјана Крајчевска истакна дека оваа едночинка од пред 80 години го претставува политичкиот театар кој работи на самосвеста, претстава која го означува почетокот на културолошкиот, театарски идентитет на нашата земја.
– Денес децата размислуваат на странски јазик, не можеме да ги навикнеме да размислуваат на македонски, а секогаш нѐ учеле за да знаеш некој јазик треба, пред сѐ, да го знаеш сопствениот. Денес светот е отворен, зачувувањето на македонскиот јазик, нашето национално богатство, е од огромно значење.Треба да се зголеми творештвото на македонски, затоа што останува после нас само она што сме го создале. Секој човек во светот има идентитет, различноста е прекрасна, и затоа многу е важно да се сочува сопствениот идентитет – истакна Крајчевска.
Јубилејот на Битолскиот театар, се одбележува е токму со првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година, кога беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски.
На сцената во новата претстава ќе настапат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија е на Благој Мицевски и Андреј Папаз Ѓоргиевски, светло-мајстори се Игор Мицевски и Горан Петровски, тон-мајстор е Александар Димовски, шминката е на Стефанија Илиевски, видеооператор е Владимир Переловски, автор на плакатот е Сашо Илковски, инспициент е Димитар Михајловски.
Со основањето на НУ Народен театар – Битола во 1944 година почна процесот на основање на другите театри во земјава – во Скопје, Прилеп, Велес и во други македонски градови. Низ годините Битолскиот театар стана бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, претставувајќи ги насекаде во светот.