Битолчанката примена на Харвард за „Слободен печат“: Важно е да им докажеш дека се издвојуваш од останатите

Битолчанката Мила Ивановска школувањето ќе го продолжи на прочуениот универзитет „Харвард“. Таа е една од 240 странски студенти што ја помина селекцијата на универзитетот со најдолга традиција во Америка.

Што ќе студира ќе се изјасни во текот на првата година од студиите и може да се одлучи за што сака, но сегашниот план ѝ е да студира физика. По дипломирањето, Мила би сакала да продолжи на постдипломски студии, а потоа да работи во некој истражувачки центар.

Важна е севкупната слика која ќе ја остави целата апликација. Важно е на некаков начин да им докажеш дека се одделуваш од останатите, одлучен си да не се откажеш и да бидеш успешен и дека ќе ги искористиш сите можности што ќе ти се отворат. Фото-приватна архива

Што се бараше за да бидеш примена на „Харвард“, како изгледаше приемниот испит? Кои беа твоите најсилни адути?

– Нема баш приемен испит како што го знаеме ние. Подготвуваш апликација и ја праќаш. Пред тоа полагаш SAT, кој се бара на сите факултети во САД, не само на „Харвард“. Пишуваш есеи на разни теми кои се дел од апликацијата, составуваш кратка биографија и бараш препораки од професори и ментори од разни области кои работеле со тебе. Откако ќе ја пратиш апликацијата, може да бидеш повикан и на интервју. Во однос на моите најсилни адути, не би издвоила една работа, бидејќи конкретно на факултетите во Америка има еден холистички пристап кон апликациите, сите делови сѐ битни, независно дали е тоа вклученост во натпревари, спорт, музика, истражувачки центри, познавање на јазици, и генерално сите активности во кои си учествувал. Важна е севкупната слика која ќе ја остави целата апликација. Важно е на некаков начин да им докажеш дека се одделуваш од останатите, одлучен си да не се откажеш и да бидеш успешен и дека ќе ги искористиш сите можности што ќе ти се отворат.

Што очекуваш од школувањето на „Харвард“, колку си запознаена со Универзитетот, со начинот на школување, образовниот и социјалниот живот сега во периодот на пандемијата?

– Со оглед на тоа што лани овој период правев листа од факултети на кои сакам да аплицирам, гледав да ги истражам уште тогаш факултетите што подобро. Очекувањата се големи во секој поглед, но секако и трудот што се бара од студентите е голем. Се сретнуваш со средина и интелект кои ги нема можеби никаде на друго место во светот, но тоа и те турка кон успехот, ќе се трудиш да ги стигнеш останатите, а со тоа и самиот напредуваш. Учиш од гарда на реномирани професори, можеш да истражуваш со нив уште од прва година, а има и бројни организации и клубови за развој на другите твои интереси.

Фото – приватна архива

Колку долго се подготвуваше за сонот да стане реалност?

– Не се подготвуваш за овие работи или едноставно се подготвуваш целиот свој живот. Сите работи низ кои си минал и си ги правел сигурно барем малку придонеле за да си примен. Чекор по чекор, си поставуваш цел и правиш сѐ за да ја постигнеш, а потоа целиш малку подалеку, и овој круг постојано се повторува сѐ додека не стигнеш до врвот.

Среќата, се разбира, е огромна, но постои ли некакво стравување од новиот предизвик?

– Никогаш не сум била во Америка, што го прави предизвикот уште поголем. Но, никогаш не сум се плашела од предизвици, туку напротив ми биле мотивација. Покрај тоа, и многу наши студенти во Америка ми се понудија за секаква помош и совет, кои би ми биле од корист. Секако дека ќе има многу работа и учење, но со добра организација на времето верувам дека сѐ може да се постигне. Едно од главните стравувања би останала ковид-ситуацијата, но се надевам дека плановите на Америка за генерално подобра ситуација наесен ќе се исполнат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот