Битолчани револтирани дека во нивниот град ќе се изолираат нашинци вратени од Малта и Загреб

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Синоќа на социјалните мрежи, како и до нашата редакција битолчани испаќаа пораки со револт за изолацијата на дел од патниците кои слетаа во државава од Малта и Загреб во нивниот крај.

Од вчера вечерта дел од македонските граѓани, кои со хуманитарни летови вчера попладне се вратија во земјава, се сместени во хотелот „Епинал“ во центарот на Битола. Битолчани синоќа на социјалните мрежи, како и до нашата редакција испаќаа пораки со револт за изолацијата на дел од патниците кои слетаа во државава од Малта и Загреб во нивниот крај.

Од Општина Битола пак се огласија и велат дека сите патници се тестирани и не претставуваат никаква опасност за градот.

-Сите имаме право да бидеме уплашени, но не да ги напаѓаме оние кои можеби се и недолжни, затоа што сакаат да се вратат дома. Најголем дел од нив се наши деца- велат оттаму.

Битолчани остро реагираат барајќи одговор од властите, тие споделуваа фотографиите од двата автобуса паркирани пред хотелот „Епинал“, во чија придружница „Широк Сокак“ засега се сместени 45 лица.

„Зошто токму Битола?“, пишуваат на социјалните мрежи, велејќи дека во градот досега не е регистриран ниту еден случај на коронавирус.

Од Општина Битола, пак, во соопштение до јавноста ги повикаа жителите на солидарност, посочувајќи дека патниците се нивни сограѓани.

Оттаму, потенцираат дека тие се сместени во изолација со 24 часа полициски надзор, а пред влегувањето во хотелот на патниците им бил извршен и лекарски преглед.

-Никој од нив не претставува опасност за градот, затоа што тие постојано ќе бидат надгледувани. Значи, пристигнатите лица се сместуваат во контролирана изолација. Нека ги поминат во мир 14-те изолативни денови, а не уште повеќе да им ја отежнуваме состојбата. Мора да преовладува разумот, состојбата на човечност, колективност, каков што секогаш сме го имале- наведуваат во соопштението на Општина Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот