Битка за ново парламентарно мнозинство

Идеи за ново собраниското мнозинство има и кај СДСМ и кај ВМРО-ДПМНЕ, но шансите за реализација се мали, бидејќи засега нема ниту позитивни ефекти, ниту позитивни резултати, велат собраниски извори за Слободен печат. Нашите извори посочуваат дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат разговори за привлекување на некој пратеник плус на нивна страна, но дека тешко им оди. Намерата на првите е да го зголемат тенкото собраниско мнозинство кое во моментот брои 62 пратеници, а вторите пак, за да дојдат на власт.

За да обезбеди функционално собрание на коалицијата „Можеме“ и се потребни уште неколку пратеници. Ваквата намера неодамна ја обелодени претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој најави дека парламентанрото мнозинство ќе се поднови со најмалку тројца пратенци. И коалиција „Обнова за Македонија“ се надева дека ќе обезбеди нови пратеници за да може преку собраниска иницијатива за „доверба на владата“ да ја сруши власта на Заев. Јавна тајна е дека во собранието функцонира неформалната коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Левица и коалицијата Алијанса и Алтернатива која брои 58 пратеници.

Во меѓувреме во собранието тешко поминуваат одредени законски решенија. Во јавноста веќе почна да се шпекулира и за нови парламентарни избори. Слободен печат разговараше со универзитетскиот професор Никола Дујовски. Тој вели дека во периодот што ни претстои нема ништо да се промени и дека Собранието ќе продолжи да функцонира без разлика дали има заболени пратеници од коронавирус или не.

-Нема да има ниту ново парламентарно мнозинство, ниту избори, ниту концентрациона влада, туку проблемите ќе се решаваат на дневна основа. Прашањето за двајца – тројца пратеници плус нема да ја решат сегашната состојба. Ова е непријатна ситуација со која се покажува незрелоста на политичарите кои се одлучиле да се кандидираат за пратеници. Премиерот Заев се изјасни дека не размислува за поинаков облик на владата, а не е ниту време. Искуството покажува дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ воопшто не функционираат во иста влада. Тоа имавме прилика да го видиме со техничката влада пред изборите. Така да се што тие ќе одлучат заеднички да прават, ќе биде за доплнително блокирање на процесите. Оваа влада и ова парламентарно мознинство и ќе најде начин да ги помине сите законски решенија без да се промени обликот на владта на било каков начин. Предвремени избори не доаѓаат во предвид бидејќи има мнгоу прашања за решавање. Напротив тие ќе ја продлабочат и здравствената и економвскацта а се разбира и политичката и безбедностната криза, вели Дујовски.

Од друга страна пак универзитетскиот професор Жидас Даскаловски смета дека сите опции се во игра, бидејќи тие се демократски.

– За излезот од состојбата во кое се најде Собранието поради тенкото собраниско мнозинство и чија работа во секое време опозицијата може да ја блокира има четири опции. Зголемување на собраниското мнозинство, ново мнозинство предводено од опозицијата, нови избори или пак концентрациона влада. Нови парламентарни избори се вообичаена демократска пракса. Во Шпанија таквата пракса беше повторена двапати по ред, бидејќи парламентот не можеше да обезбеди функционално мнозинство. Во ваков случај кога тешко се носат законите и во време кога имаме ковид-19 сепак излезот го гледам во формирање на експертска, или концентрациона влада, вели Даскаловски.

Желбата за ново собраниско мнозинство предводена од ВМРО-ДПМНЕ е постојано присутна во Собранието. Тоа се гледа од неодамнешната одлука на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да не учествуваат на седниците доколку нема мнозинство од пратениците на владејачките партии. Без кворум собраниските седници не можат ниту да стартуваат со својата работа. Па така велат нашите извори во собранието, во време на коронавирус, од кој не се имуни ниту пратениците, на опозицијата лесно ќе и оди блокирањето на законите. Сепак тие не веруваат дека ќе дојде до нов распоред на силите во парламентот бидејќи засега се покажало дека и со вакво собраниско мнозинство парламентот функционира.

Неодамна на оваа тема во јавноста се препукуваа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ за медиумите изјави дека има пратеници од коалицијата на СДСМ, кои што не се од Беса или од ДУИ, туку од останати пратеници во рамки на коалицијата на СДСМ кои што веќе разговараат за ново парламентарно мнозинство.

„Ова се пратеници избрани од народот, пратеници кои што ги бираше членството на ВМРО-ДПМНЕ и апсолутно сум убеден дека ќе останат до крај лојални на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николовски.

За СДСМ ваквите најави се блеф на Мицкоски за да ја задржи претседателската функција по неуспешните како што велат лицемерни протести. И тие најавуваат зголемување на собраниското мнозинство. На тврдењата на Николовски од ВМРО-ДПМНЕ возврати и претседателот на СДСМ Зоран Заев кој рече дека се додека партијата не ја смени менталната матрица ќе остане во опозиција.

-Инаку еве да ви кажам меѓу 3 и 6 пратеници ќе дојдат во нашето парламентарно мнозинство и тоа заради политиките и предлог решенијата. Да си бидеме посветени, еве гледате златни мерки има, економија, инвестиции, рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот