Битка за бесплатен јавен превоз: Гага возење ветуваат и Шилегов и Арсовска

Петре Шилегов и Данела Арсовска / Фото: МИА, колаж

Бесплатен јавен превоз и отворена општина која ќе ги слуша предлозите и барањата на граѓаните, вети независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска на вечерашниот митинг во Карпош.

– Нема повеќе да има празни ветувања, нема да има ветено – неостварено. Вратите секогаш ќе бидат отворени за граѓаните и нема да постојат ситуации во кои ќе треба со месеци да штрајкуваат и да протестираат по улиците за да кажат дека нешто не сакаат, рече Арсовска, додавајќи дека граѓаните имаат право да одлучуваат каква иднина сакаат и оти нивниот глас мора да биде слушнат од градоначалниците.

Генералниот урбанистички план, според Арсовска, е документот со којшто ќе се трасира иднината на градот за следните 10 години. – Тој се носи во 2022 година, односно следната година и ќе биде на сила до 2032 година. Ние заедно со овој документ ќе ја исцртаме иднината не само на вашето маало, туку и на целиот град, нагласи Арсовска.

Укажа дека не треба да се дозволи повеќе да има неасфалтирани патишта, граѓаните да немаат вода за пиење и да нема фекална и атмосферска канализација.

Посочи дека сега никој не ги слуша граѓаните и не гледа што им е потребно на населбите и општините.

– Доста беше од бирократија и „не сум надлежен”. Има луѓе кои знаат, чесни се и професионални, рече Арсовска.

Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, а не само во вторник и петок, вечерва вети кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ Петре Шилегов на митингот во Карпош.

Шилегов рече дека ќе се овозможи бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот.

-За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт за нив, рече Шилегов и најави бесплатен јавен градски превоз и за лицата со ретки болести.

Видео на денот