Битиќи: За жал, околу 20.000 граѓани ги изгубија своите работни места, но имаме план истите да се вратат назад

Фатмир Битиќи
Фатмир Битиќи/ Фото: Facebook

Во моментов работиме на усогласување на нашиот царински тарифник со ЕУ регулативите, нашата поддршка за странските инвестиции е исто така во согласност со европските правила, што значи само едно, предвидлива бизнис клима. Северна Македонија ја креира својата нова развојна економија која целосно подготвена ќе го дочека влезот во ЕУ, истакна заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на форумот „Стратешки економски разговори” во Хрватска.

Битиќи, на интерактивната сесија „Економските стратегии на Република Северна Македонија во постпандемскиот период и напредокот на преговарачкиот процес за членството во ЕУ”, дополни дека постојано се работи на унапредување на бизнис климата и креирање на мерки со кои дополнително ќе се стимулира раст и развој на економијата.

– Кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот секако дека имаше ефект врз нашата економија, како што имаше и на другите економии во светот, но Владата презеде чекори кои ефикасно го ублажија ударот и веќе сега ги гледаме позитивните резултати од правовремените економски мерки. Со реализација на шест пакети економска помош, вбризгавме во стопанството 1,2 милијарди евра со што ја задржавме ликвидноста на компаниите и помогнавме да се спасат 80.000 работни места за нашите граѓани. За жал, околу 20.000 наши граѓани ги изгубија своите работни места, но имаме план истите да се вратат назад на пазарот на труд во многу кус временски период, рече Битиќи.

Вицепремиерот посочи дека економските пакети за помош имаат позитивен ефект и врз движењето на БДП, па така, како што образложи. минатата година ја завршивме со пад на БДП од 4,5 проценти, кој можеше да биде многу подрастчен и да изнесува над 8,7 отсто, доколку не ги спроведовме антикризните економски пакети на мерки.

Тој додаде дека паралелно со реализација на мерките за поддршка на граѓаните и стопанството, во услови на криза, Владата создаваше мерки кои што ќе стимулираат засилен развој на компаниите, со цел што поконкурентни да влезат во пост-пандемскиот период.

– Пандемијата забрза процеси кои веќе одамна се нужни да се случат во нашата економија. Еден од тие процеси е дигитализацијата, која зема голем замав. Покрај дигитализација, она што мислам дека на сите ни е јасно е дека мораме да работиме кон враќање на производството дома и креирање на додадена вредност во нашето производство. Креирање на регионален пазар кој е конкурентен е нешто што треба да се случи уште утре, кога е веќе јасно дека набавката која се извршуваше, на пример од Кина, стана неодржлив концепт, и сите мораме да работиме кон креирање на решение за овој проблем. Колку побрзо го фатиме чекорот, толку побрзо сите ќе одиме напред. Регионалната конкурентност на земјите од Западен Балкан е за доброто на сите, на сите граѓани, а секако и за бизнисот, подвлече вицепремиерот.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот