Битиќи – Река: Северна Македонија и Албанија заедно да работат за подобра економска клима во регионот

Фатмир Битиќи
Фатмир Битиќи/ Фото: Facebook

Политичката и економската соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија, како и заедничкиот придонес на двете соседни земји за регионалната соработка и економски развој, биле тема на денешната средба на вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и албанскиот амбасадор во земјава Фатос Река.

Битиќи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата нагласил дека Северна Македонија и Албанија се пример за добра соработка помеѓу земјите од регионот. Посочил дека се лидери во процесите коишто значат унапредување на условите за водење на бизнис за компаниите, кои се спроведуваат преку паралелните процеси „Отворен Балкан” и „Берлински процес”, а чијашто основа е подигнување на конкурентноста на секоја од земјите и на целиот регион на Западен Балкан и овозможување полесни услови за целосна интеграција на регионот во Европската Унија.

Зборувајќи за билатералната економска соработка, двајцата, се вели во соопштението, ги поздравиле стапките на раст и обемот на трговската размена, извозот и увозот, кои во 2021 година беа на рекордно ниво, но и изразиле согласност дека постои многу поголем потенцијал за унапредување на соработката во повеќе економски гранки, како и можности за реализација на инвестиции на компании од Албанија во нашата земја и обратно, со кои дополнително би се раздвижила трговската размена.

Битиќи, исто така, потенцирал дека Северна Македонија забрзано работи на имплементација на повеќе инфраструктурни капитални проекти со кои ќе се овозоможи подобра патна, железничка и енергетска поврзаност со Албанија, што е уште една добра основа за унапредување на економската соработка помеѓу двете земји.

На состанокот, се вели во соопштението, двајцата соговорници изразиле подготвеност и отвореност да ги продолжат и интензивираат меѓусебните контакти за унапредување на економската соработка и создавање уште поцврсти односи помеѓу двете пријателски земји.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот