Битиќи не стравува дека повторно ќе има вештачко зголемување на цените на прехранбените производи

Фото: МИА

Нема страв дека по предвидениот период за замрзнати цени на дел од прехранбените производи ќе се врати старата практика на вештачко зголемување на цените, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а доколку дојде до тоа, посочи дека граѓаните ќе бидат згрижени и Владата нема да ги остави да ја плаќаат највисоката цена.

Во пазарна економија мора да се однесуваме пазарно. Веќе доаѓаат првите позитивни сигнали од компаниите дека сме тука за да ја надминеме заеднички кризата и не стравувам дека по перидот на замрзнување на цените ќе се врати старата практика на вештачко зголемување на цените на начин како што беше направено одреден временски период, изјави Битиќи, на новинарско прашање по посета на фабрика во Куманово.

Според Битиќи, на компаниите веќе им е сосема јасно дека мора да се однесуваат морално и етички во услови на криза.

Тоа што цело време повикувавме дека мора да има општествена одговорност, мора да има морално и етичко однесување на компаниите на пазарот, сметам дека веќе им е сосема јасно. Но, ако се случи спротивното, како Влада нема да оставиме граѓаните да ја плаќаат највисоката цена. Тие ќе бидат згрижени, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој го повика Пазарниот инспекторат да ги провери информациите дали во Куманово и Кумановско се продава леб по замрзната цена од 33 денари но со помала грамажа од утврдената со одлуката на Владата.

Замрзнувањето на цената на лебот од 450 грама по 33 дена не е направено за да нанесе штета на производителите, туку да ги заштити потрошувачите, а секако во таа цена има одредена добивка. Ако има такви информации го повикувам Пазарниот инспекторат во Куманово и Кумановско да проверат дали навистина се продава леб по помала грамажа, а по цена од 33 денари, изјави Битиќи.

Секое замрзнување на цена, дали е на лебот, јајцата, тестенините… повтори вицепремиерот, не е на штета на компаниите.

Компаниите се згрижени, можеби нема да продаваат со такви маржи какви што би сакале, но секако имаат предвидена маржа во цената. Донесени се и ќе бидат донесени во интерес и за заштита на граѓаните, рече Битиќи.

Со одлуки на Владата, од 28 февруари е замрзната цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, од 16 март и цените на дел од млечните производи и тестенините каде намалувањето на цените изнесуваше 10 односно 15 отсто, а од вчера е замраната и цената на јајцата и на оризот на износот по кој се продаваа овие производи на 15 март. Замрзнатата цена за лебот, тестенините и на млечните производи важи до крајот на мај, а на јајцата и оризот до крајот на април.

Министерството за земјоделство веќе подготви анализа и за цените на овошјето и зеленчукот, а одлуката ќе ја носи Министерството за економија согласно со Законот за трговија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот