Битиќи во Приштина: Преку регионална соработка до јакнење на сопствените економии и просперитет за граѓаните

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска од Приштина порача дека на земјите од регионот на Западен Балкан им е потребна блиска соработка на економски план за полесно надминување на последиците од пандемијата на Ковид-19 и заедничко интегрирање во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната конференција на тема „Економското влијание и последиците”, одржана во косовската престолнина, Битиќи изрази надеж дека „по пандемијата ќе видиме една нова слика на регионот, една епоха на соработка преку конкурентност наместо конкуренција”, што ќе резултира со развој на земјите од Западен Балкан и привлекување странски инвестиции.

Тој се заложи за создавање заеднички пазар, во кој ќе се јакнат слободите на движење на луѓето и стоките.

-Заеднички интерес на сите земји од регионот е јакнењето на економската соработка, со цел да се развиваат сопствените потенцијали. И оваа конференција претставува чекор напред во правец на заедничкиот настап пред потенцијалните инвеститори. Соработката ќе донесе просперитет за населението во нашите држави и развој на нашите економии, рече Битиќи.

Говорејќи за начинот на кој македонската Влада се постави во соочувањето со пандемијата, вицепремиерот рече дека главен предизвик на нејзиниот почеток била дилемата „дали да се следат однесувањето и мерките на големите економии во светот или истите да се анализираат, а мерките да се преземаат согласно специфичните услови во земјата”.

-Ја избравме втората алтернатива, што донесе доста позитивни резултати, рече Битиќи, информирајќи дека за фискалните пакети за справување со последиците на кризата се потрошени 1,1 милијарда евра.

Анализите, според Битиќи, но и според другите учесници на конференцијата во Приштина, покажуваат дека Владата на Северна Македонија презела најмногу мерки за справување со последиците на пандемијата по економијата во земјата од сите земји во регионот.

Македонскиот вицепремиер како посебни мерки ги издвои специфичните механизми за кредитирање на бизнисите и кредитните линии со државни гаранции, какви што, како што рече, немало во последните три децении.

Говорејќи за капиталните инвестиции во Северна Македонија, Битиќи информира дека во тек е изработка на петгодишен план за инвестиции, главно во енергетиката и патната и железничката инфраструктура. Вредноста на овие капитални инвестиции, рече Битиќи, ќе изнесува 2,5 милијарди евра.

Косовската министерка за трговија, претприемништво и индустрија, Розета Хајдари, со која Битиќи имаше билатерална средба пред конференцијата, се заложи за економски политики кои ќе привлекуваат странски инвестиции, при што како позитивен пример ја наведе Република Северна Македонија, која, како што рече има забележано значителни резултати во тој правец, посебно во споредба со Косово.

Хајдари се заложи за искористување на заедничките туристички потенцијали на земјите од регионот, како и за поблиска комуникација меѓу нив, со цел отстранување на пречките кои можат да им се појават на претпријатијата од една при настапот во друга држава.

Осврнувајќи се на косовско-српските односи, Хајдари рече дека Приштина одлучила „да не воведе веднаш реципроцитет кон Србија, туку да ги искористи регионалните механизми за решавање на проблемите кои постојат меѓу двете држави”.

-Косово често има предизвици кога се има предвид дека имаме една соседна држава на која секогаш и пречи потписот на Република Косово. Но ние ќе работиме на тоа да бидеме конструктивни кон сите соседни држави, независно од грижите кои ги имаме, посебно во однос на еден сосед. Не сакав веднаш да воведам мерки на реципроцитет кон ниедна соседна држава. Заинтересирана сум да ги решиме проблемите преку регионалните механизми со кои располагаме моментно, поаѓајќи од ЦЕФТА, Советот на Европа и Регионалниот совет за соработка, како и другите механизми кои можат да помогнат во развојот и адресирањето на сите предизвици на регионален план, изјави Хоџа.

На конференцијата, организирана од Бизнис-комората на Косово, во соработка со Фондот на Западен Балкан, Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Трговско-индустриската комора на регионот на Валона во Албанија, беше презентирана и студија за последиците од пандемијата на Ковид-19 по стопанствата во Северна Македонија, Косово, Албанија, Словенија и Црна Гора.

Претставувајќи ги наодите за состојбата во Северна Македонија, претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа рече дека мерките кои ги презеде македонската влада за справување со кризата во најголем дел се „во согласност со барањата на бизнисите и потребите на стопанството”.

Како последици на пандемијата, Хоџа ги спомена падот на извозот за 17,6 отсто, порастот на бројот на невработени од 107 илјади на 151 илјада лица и големиот пад на бројот на туристи – 60,5 отсто помалку домашни и 70,4 отсто помалку странски туристи во 2020-та во однос на претходната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот