Битиќи: Владата и натаму ќе ги поддржува развојно ориентираните компании што креираат работни места

Фото: mia.mk

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска беше во работна посета на Охрид во чии рамки оствари средби со менаџерите на неколку компании од градот со кои Владата има потпишано договори за државна помош.

После посетата на компанијата АСП-ПАК, која минатата година со Владата потпиша договор за инвестициски циклус за пет години во вредност од над пет милиони евра, Битиќи истакна дека државата ќе продолжи со поддршката на компаниите што планираат да го прошируваат производство, да се модернизираат и дигитализираат, да го прошируваат асортиманот на производи, да отвораат нови работни места и да освојуваат нови пазари.

– Мене ме радуваат повеќе информации во врска со оваа компанија. Тоа е бројот на вработени околу 300, креирани се солидно платени работни места. Според информациите од сопственикот, платата е околу 500 евра. Производството на компанијата околу 97 отсто е за извоз. Значи станува збор за целосно извозна компанија.  Токму и вакви компании нам ни создаваат добро платени работни места, тие се конкурентни на меѓународните пазари, создаваат производи со повисока додадена вредност и се двигатели на нашата економија. Тие се оние кои ги задржуваат младите да останат да работат во нашата земја, рече Битиќи.

Зборувајќи за програмите за поддршка на приватниот сектор Битиќи истакна дека до крајот на годината мерките насочени кон поддршка на стопанството ќе бидат операционализирани.

– Следната недела ќе биде објавен повикот од Развојната банка за 31 милион евра безкаматни кредити за стопанството. Веќе во јануари ќе биде достапна кредитната линија на ЕИБ од сто милиони евра со ниски камати до 1,6 отсто. Сето се тоа мерки што треба да им покаже на граѓаните и на стопанствениците, тие што го креираат развојот дека ние сме тука да ги поддржиме. Уште повеќе ќе поддржуваме решенија што се во склоп со светските текови, како четвртата индустријализација базирана врз дигитализација и нови технологии. Со Фондот за иновации и технолошки развој продолжуваме да креираме подобар екосистем за старт-ап компании, за претприемништво, иновации итн, рече меѓу другото вицепремиерот, охрабрувајќи ги стопанствениците да продолжат со развојни проекти, проширување на производните капацитети со одржливи решенија во производството, истакна Битиќи.

Уште посочи дека што поголемиот број здрави извозни компании во земјата ќе придонесе за побрз развој и одржливост на домашната економија.

– Владата секако ќе биде ваш партнер. Сите вие кои се охрабрувате на нови инвестиции особено во периодот на ковид-19 ќе бидете стимулирани да продолжите со успех да работите и да придонесете кон поубаво наше заедничко општество, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот