Битиќи: Основните вредности секогаш мора да се засноваат на идејата да се грижиме едни за други

 Социјалното претприемништво е нешто на што сите треба да се фокусираме. Верувам дека во светот има многу неискористени можности на полето и дека многу идеи ќе бидат претворени во големи социјални бизниси кои ќе одговорат на многу социјални предизвици, помагајќи му на општеството да стане посилно, подобро и поразновидно, изјави Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на денешниот „Форум на добри компании” организиран од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Јавност” и Германското здружение за меѓународна соработка –ГИЗ.

На форумот се зборуваше за предизвиците со кои се соочува општеството во период на кризата со пандемијата од Ковид-19, како и за преземените активности од страна на Владата за надминување на овие предизвици, закрепнувањето во пост-ковид периодот и одржливиот и инклузивен развој на Република Северна Македонија.

Во таа насока, вицепремиерот, во своето воведно излагање посочи дека ковид-кризата имаше особено влијание на ранливите групи на граѓани.

– Една од поуките кои што се извлечени и кои што произлегуваат од оваа криза е дека и внатрешните проблеми на земјите се совпаѓаат со проблемите на глобален план и токму затоа е особено важно да се работи на надминување на проблемите и предизвиците со инклузивен пристап, а основните вредности секогаш мора да се засноваат на идејата да се грижиме едни за други, изјави Битиќи.

Тој посочи дека верува дека светската економија ќе има сериозно поместување кон социјалната економија, каде што центарот на вниманието ќе им припаѓаат на општествено одговорните компании, оние кои работат за добро на општеството, а кои преку генерирање профит создаваат можности од голема важност за ранливите групи на општеството.

– Владата на Северна Македонија го препозна големиот потенцијал на социјалното претприемништво и ние сме подготвени да го прилагодиме нашиот систем за нови идеи и нови начини на создавање бизнис со цел да изградиме инклузивно општество, нагласи Битиќи.

На форумот, Битиќи потстети дека од 2018 година, Владата на Република Северна Македонија, преку Националниот совет за одржлив развој, ја потврди заложбата за спроведување на Агендата на Обединетите нации 2030 година и ја истакна важноста за стабилна интеграција на Целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните планови.

На овој форум свое обраќање имаше и амбасадорката на СР Германија во нашата земја, Н.Е.Анке Холштајн, како и извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Јавност”, Климентина Илиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот