Битиќи на средба со угостителите: Здравјето е најважно, се друго ќе надоместиме заедно

Фото: mia.mk

Угостителите и организаторите на свадби денеска одржаа протест пред Владата, барајќи нови протоколи што ќе им овозможат да продолжат со работа и соодветна помош од државата, а нивни претставници се сретнаа со заменик премиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Во разговорот со Битиќи тие посочија дека помошта што ја добиваат од државата не е доволна и дека бараат да им се дозволи работа по протоколи на а-ла-карт рестораните, бидејќи сметаат дека објектите се доволно безбедни за да почнат со работа.

Битиќи истакна дека мутацијата на британскиот сој на коронавирусот и бројките на заболени лица од ковид-19, во моментот не дозволуваат олабавување на мерките, а главниот збор за тоа го имаат медицинските лица и се зависи од одлуката на Комисијата за заразни болести.

– Жалам што сте доведени во ситуација да протестирате, но сметам дека сите заедно сме доволно разумни да разбереме дека се бориме против непознат непријател, кој што за тие што не го прележале се надевам дека никогаш нема да го прележат, а тие што се заразиле се надевам дека лесно го пребродиле, истакна Битиќи.

Тој додаде дека тие што биле позитивни на вирусот и потешко го пребродиле, многу е тешко да зборуваат за што било надвор од здравјето.

– Сега ви зборувам како човек, а не како функционер. Јас сум еден од тие што потешко го мина вирусот и денеска, пред сè, здравјето на секој еден од вас ми е поважно од последиците што може да ги имаме, затоа што тоа ќе го надоместиме заедно. Сите работодавци ќе бидат поддржани и во моментот се поддржуваат со мерки за вие да продолжите со работа, но нема да може да работите, ако за жал вие бидете заразени или сте во здравствена состојба што нема да ви дозволи да го правите тоа, посочи Битиќи.

Перица Голомејиќ од Иницијативен одбор за организирање на протестите истакна дека главната цел на овој состанок е да се пронајде решение за состојбата во која што угостителите и организаторите се наоѓаат речиси една година.

– Средбата мина добро, се договоривме за повторна средба заедно со Државниот пазарен инспекторат, со цел да го разгледаме протоколот за да можеме ние да почнеме со работа, согласно сегашните протоколи по кои работат а-ла-карт рестораните, посочи Голомејиќ.

Тој додаде дека генерално се задоволни од првата средба со заменик претседателот Битиќи, а нивното главно барање е да почнат да функционираат како а-ла-карт рестораните и да се тргне Членот 14 – Забрана за организирање прослава.

Според него, прославите ќе бидат организирани со 40 до 50 лица, во зависност од капацитетот на локалот, согласно протоколите. Голомејиќ истакна дека во првите два месеца ќе работат без музика и дека музиката не е главен проблем, односно почитувањето на протоколите, бидејќи теоријата и праксата не соодејствуваат во моментот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот