Битиќи на отворањето на OECD центарот во Истанбул: Предизвиците да ги претвораме во можности

Да се бориме заедно против корона пандемијата, а предизвиците да ги претвораме во можности, порача денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во обраќањето по повод отворањето на новиот центар на Организацијата на економски развој и соработка (ОЕЦД) во Истанбул.

Според Битиќи, градењето подобри политики за подобар живот никогаш не било толку потребно како сега.

– Вистинско време е да ја воочиме реалноста и да пристапиме кон учење на нови работи, на нови начини и да ја заштитиме заедничката иднина со прифаќање на околностите и создавање нови креативни начини на изнаоѓање соодветни решенија за надминување на предизвиците. Потребни сме едни на други, повеќе од кога било, и наша должност, како одговорни политичари е да се поврземе и да растеме што повеќе, бидејќи само со растење на глобално ниво, растеме и индивидуално, нагласи вицепремиерот.

Тој изрази надеж дека ОЕЦД центарот во Истанбул ќе ги зајакне врските меѓу Западен Балкан и Југоисточна Европа, Евроазија, Средниот исток и Северна Африка и дека преку олеснување на дијалогот за политики меѓу владите, вклучувајќи ги јавните, приватните и филантропски чинители, ќе има можност да стане место за јакнење на соработката.

– Пандемијата ја подигна нашата свесност и нè потсети колку навистина сме си потребни едни на други, како и дека ако сакаме да го направиме овој свет подобро и побезбедно место, треба да ги здружиме нашите сили, да разменуваме идеи и да создадеме мрежа која ќе ја претставува нашата силна база за натамошен прогрес. Се чувствувам оптимист во врска со агендата на ОЕЦД која вклучува интензивен и одржлив пристап кон инклузивно закрепнувањето од ковид-19. На Северна Македонија и е неопходен ваков вид платформа за да се придвижиме напред кон глобално признатите стандарди и амбиции, и затоа го гледам новиот центар на ОЕЦД во Истанбул како извонредна можност за споделување подобри вредности, создавање подобри идеи и учење на подобри стратегии со цел да се добијат подобри економски перформанси и подобро општество со поголема благосостојба, потенцира Битиќи.

Една од главните задачи на центрите на ОЕЦД кои со центарот во Истанбул сега се пет во светот, е да им помогнат на земјите и економиите во развој, за изнаоѓање иновативни решенија за политики за промовирање на одржлив раст, намалување на сиромаштијата и нееднаквоста, како и за подобрување на животот на граѓаните, што уште еднаш ја истакнува важноста на овој нов центар на OECD за целиот регион.

На отворањето се обратија и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Хуриа, минстерката за трговија на Република Турција, Рухсар Пексан, министерот за економија, финансии и инвестиции на Тунис, Али Кули, и претседавачот на Комитетот за надворешни работи на ОЕЦД, Томас Шнол.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот