Бислимоски – Морено: Шпански инвеститори ги разгледуваат можностите за вложување во обновливи извори за енергија

Можностите за инвестирање во енергетскиот сектор беа главен фокус за кој се дискутираше на состанокот, што беше инициран од директорката Морено.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски заедно со членовите остварија средба со директорката на регионалната канцеларија за економски прашања на Шпанија, Ева Поведано Морено.

Можностите за инвестирање во енергетскиот сектор беа главен фокус за кој се дискутираше на состанокот, што беше инициран од директорката Морено. Пренесувајќи го интересот на потенцијалните шпански инвеститори кои ја разгледуваат земјава како дестинација за инвестирање во обновливи извори за енергија, Морено изрази интерес за процедурата за инвестиции во енергетски проекти од обновливи извори.

Претседателот Бислимоски потенцираше дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги е отворена за соработка да помогне со соодветни информации за самата постапка.

– Инвеститорите се добредојдени, но она што радува е зголемениот интерес за вложување во зелена енергија. Инвестициите во фотоволтаичните електроцентрали се реализираат по новиот модел на премиум тарифа. Станува збор за концепт кој се покажа успешен во поттикнување на инвестициите во овој сегмент“, истакна Бислимоски.

Во однос на процедурата за инвестиции, во рамките на своите надлежности Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, по поднесени барања носи решенија за стекнување на привремен статус на повластен производител кој користи повластена тарифа за ветерни електроцентрали, биогасни електроцентрали и централи од биомаса. Исто така пропишува рок во кој енергетскиот капацитет треба да биде пуштен во употреба. Доколку има пролонгирање на изградбата енергетскиот капацитет РКЕ може да ја продолжи важноста на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител.

Паралелно РКЕ резервира капацитет согласно привремениот статус  за повластен производител и води грижа истите да бидат согласно одлуката за вкупна инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија и тоа: 160 MW за ветерни електроцентрали, 10MW за термоелектроцентрали на биомаса и 20MW за термо електро централи на биогас, вкупната инсталирана моќност на фотонапонски електроцентрали за која се доделуваат премии за произведена и продадена електрична енергија изнесуваат 200MW.

Во моментов има 200 повластени производители, а вкупниот инсталиран капацитет изнесува 142,7 MW од кои 81,6 MW се на 93 мали хидроелектроцентрали; 16,7 MW се од 102 фотонапонски електроцентрали; една ветерна електроцентрала има инсталиран капацитет од 36,8 MW; три термоелектроцентрали на биогас се со инсталиран капацитет од 6,9 MW  и 0,6 MW има една  термоелектроцентрала на биомаса.

Во тек на градба се вкупно 34 електроцентрали кои се стекнале со привремен статус на повластен производител и тоа 27 мали хидроцентрали (32,8 MW), 3 ветерни електроцентрали и втора фаза од веќе изградена ветерна електроцентрала (113,2 MW ) и 4 термоелектроцентрали на биомаса (2,95 MW).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот