Бислимоски: Либерализацијата на пазарот на струја оди добро

фото: МИА

Либерализацијата на пазарот на електрична енергија оди добро и се повеќе мали комерцијални потрошувачи го напуштаат регулираниот пазар и го користат правото со кое се стекнаа од 1 јануари годинава, оцени денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

– Нивните вкупни трошоци за цената на електричната енергија која ја плаќаат на слободниот пазар се пониски за 32,4 проценти според податоците што ги имаме заклучно со јуни. Тоа се потрошувачите што ја плаќаа таканаречената индустриска струја која чинеше околу 150 евра за мегават час или околу девет денари за киловат час. Сега нивниот трошок е намален за повеќе од 32 проценти и верувам дека тој тренд ќе продолжи и натаму, изјави Бислимоски пред почетокот на денешната подготвителна седница на РКЕ.

Тоа, како што рече, покажува дека процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија во земјава е успешен, особено за малите и комерцијалните потрошувачи.

На домаќинствата, според него, во овој момент не им одговара цената на регионалниот пазар на електрична енергија за да излезат на слободниот пазар.

– Цената не електричната енергија на регионалниот пазар во овој момент е околу 65 евра за мегават час, односно околу четири денари за киловат час. Кога на цената од четири денари за киловат час ќе се додаде трошокот за мрежарина, дистрибуција и пренос, кој е фиксен и изнесува околу два денара, вкупниот трошок би бил приближно шест денари за киловат час. Во овој момент цената која ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар е 4,5 до 4,6 денари за киловат час, а за да им биде исплатливо да излезат на слободниот пазар цената на регионалниот пазар треба да биде околу 2,5 денари за киловат час, рече Бислимоски.

Веднаш кога ќе се создадат услови, потенцира, самите снабдувачи ќе им понудат соодветни пакети на домаќинствата за да ги натераат да излезат на слободниот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот