Бислимоски: Бараме зголемување на опфатот на ранливите потрошувачи

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски/ Фото: МИА

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во насока на заштита на потрошувачите од евентуални ценовни шокови предизвикани од ковид кризата во рамките на своите надлежности кон крајот на минатата година достави предлог до Министерството за економија со кој побара да се зголеми опфатот на ранливите потрошувачи, потврди за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

-Бараме да се зголеми бројот на ранливи потрошувачи со цел овие категории на граѓани да си ги обезбедат своите потреби од електрична енергија и да се намали процентот на не наплата со што ќе ја релаксираме ситуацијата и во енергетските компании, бидејќи проблемот со ликвидноста ќе биде целосно надминат и дополнително ќе ја зголемиме ликвидноста на целиот електроенергетски сектор – посочи Бислимоски.

За да се утврди за колкав број на домаќинства станува збор, додаде, ќе треба да организираме повеќе заеднички состаноци пред се со Министерството за труд и социјална политика, кое води евиденција за ранливите категории на потрошувачи, и со операторот на дистрибутивниот систем – Електродистрибуција кои се одговорни во енергетскиот дел, односно во потрошувачката на електрична енергија.

-Тие податоци кои ги имаат од Министерството и соодветните институции во нивна надлежност, заедно со податоците од Електродистрибуција треба да се вкрстат за да имаме точен број на домаќинства. Тоа е сериозна акција и сериозна реформа за која верувам дека ќе биде завршена како што треба – прецизира Бислимоски.

Досега како ранливи категории на потрошувачи се сметаа само домаќинствата кои примаат социјална помош.

-Со предлогот покрај домаќинствата кои земаат постојана социјална парична помош, бараме во ранливи категории да влезат и домаќинствата во кои нема ниту еден вработен и кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на пари. Бараме во оваа категорија да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице корисник на паричен надоместок од Агенцијата за вработување во висина на постојната социјална помош и е единствен приход во домаќинството, како и домаќинствата кои се со повеќе од два члена во кои има еден член што е пензионер и добива минимална пензија, односно е во првата група, и тоа е единствен приход во домаќинството – вели Бислимоски.

Бараме, додава Бислимоски, да се вметнат и домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинствата.

-Дополнително, имајќи ги во предвид проблемите кои ги предизвика ковид кризата во економијата, побаравме во ранливите потрошувачи да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година што е корисник на парична помош во случај на невработеност од Агенцијата за вработување – истакна Бислимоски за МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот