Бирократија во три чина

Марин Гавриловски

Секоја држава е онолку силна колку што ги почитува, ги штити и ги спроведува во дело начелата на индивидуалните права на секој граѓанин. Колку што се поголеми редовите и покомплицирани постапките, толку е послаба државата. А цената е висока!

Секој од нас повеќепати во животот се нашол во ситуација на своја кожа да ја искуси суровата, непристапна и кон граѓаните ненаклонета администрација, без оглед на тоа дали станува збор за органи на локалната власт или пак на централната. Речиси нема случај една елементарна работа како што е, на пример, барање за издавање разни документи или добивањето некоја информација да не се комплицира постапката на граѓанинот пред државата и тој да не мора да бара преку пријателите некого во таа институција, кој би му помогнал за да може да го добие бараниот документ или информацијата. Триесет години по осамостојувањето може само да констатираме дека работите одат кон полошо, односно, ако до пред неколку години нешто било, колку-толку, можно да се реализира, сега тоа станува сè потешко и потешко.

Ќе илустрирам со само три примери што лично сум ги искусил на сопствената кожа, а верувам дека во нив, за жал, ќе се пронајде секој од вас, кој се сретнал со ваков проблем (доколку имал среќа) барем еднаш во животот.

Се изненадив кога пред некое време мојата матична докторка ми соопшти дека мојата ќерка, која неодамна наполни 18 години, нема повеќе здравствено осигурување. Ми појасни дека откако децата ќе станат полнолетни, здравственото осигурување од родителите прекинува и, за да се обнови, потребно е до Фондот за здравствено осигурување да се достави потврда за редовно школување. Тоа значи дека некој вработен во секое средно училиште во државава издава потврда за редовен ученик на секој ученик кој таа година наполнил 18 години; потоа ученикот, односно едниот од родителите (бидејќи мала е веројатноста детето да знае каде е Фондот за здравство) мора потврдата да ја достави на еден од шалтерите на Фондот за здравство, каде што по правило се чека долг ред и, во зависност од проблематиката со која се соочени оние што се пред вас, се чека по неколку десетици минути, понекогаш и часови. Дали е навистина потребно целото ова малтретирање, како на вработените во училиштата, така и на децата и родителите, кои за да можат да го достават бараниот документ, најчесто мора да излезат од работното место или, пак, да побараат слободен ден од работодавачот за извршување на оваа едноставна евиденциска постапка.

Нема ли да биде поедноставно, државата, односно службениците во Министерството за образование и наука и во Фондот за здравство, кои патем своите плати ги добиваат токму од оние што чекаат пред шалтерите, да извршат размена на податоците по електронски пат и податоците за редовно запишаните ученици што наполниле 18 години да се вметнат во системот на Фондот и по автоматизам да се продолжи нивното здравствено осигурување. Не е атомска физика, нели? Во ера на дигитализација изработка на вакво програмче со наведениот предложен алгоритам ќе заштеди време, пари, нерви на граѓаните, а редовите за чекање за оваа работа ќе исчезнат. Зборував со професионални програмери – за ваква програма е потребно два часа. Толку!

Вториот пример се однесува на постапката за посвојување дете. Брачен пар на почетокот ги собира сите потребни документи (оригинален примерок или нотарски заверена копија од секој документ поединечно, не постар од толку и толку месеци итн.). Постапката за посвојувањe сè уште е во тек, но од поднесувањето на барањето поминува една година, па надлежната институција бара, за да се продолжи постапката, повторно да се достават сите документи, сега со нови датуми, во оригинал или нотарски заверена копија на оригиналот. Ако се знае во која психичка состојба се сопружници што немаат, а сакаат да посвојат дете, јасно е дека ова е само продолжување на агонијата и траумата која за нив трае сигурно уште од времето кога го поднеле барањето за посвојување, ако не и порано.

Зошто е потребно државата да се изживува врз своите граѓани, прво, на начин што и по една година сè уште нема донесено одлука дали ќе им биде дадено дете за посвојување и, второ, зошто документите што еднаш веќе се извадени и за чие добивање веќе е потрошено, време, пари и нерви, повторно да се вадат, како да може да има промена во датумот на раѓање во изводот од матичната книга на родени и како да не можат институциите по службена должност да ги добијат бараните документи и податоци на еден клик на нивните компјутери, дури и при отпочнувањето на постапката.

Третиот пример се однесува на странец што побарал државјанство на Македонија. Ќе се прашате (со право), зошто граѓанин на една од пореспектабилните земји во светот воопшто би побарал македонско државјанство? Но, да не ја проблематизираме таа лична желба на барателот. Тој уредно ги подготвил сите потребни документи во бараната форма и ги доставил до надлежната институција. Потоа, како што налага постапката, барањето е проследено до сите институции што во постапката за добивање македонско државјанство мора да дадат согласност. Беше извршен и разговор со лицето од страна на службеник во Министерството за внатрешни работи, што воедно беше и последниот контакт со некој надлежен. Притоа ни беше кажано дека речиси сите формалности се завршени и дека за околу шест месеци ќе нè контактираат за да ни ја достават одлуката. Една година и шест месеци подоцна, конечно, позитивната одлука за примање во државјанство на Република Северна Македонија беше донесена, а актот на мојот клиент му беше даден на шалтер без некоја посебна церемонија, иако знаеме дека добивањето државјанство во земјите што држат до својот углед е свечен чин, како за земјата, така и за лицето што го добило државјанството. На шалтерот ни беше кажано по околу една недела да одиме да го извадиме новиот извод од матичната книга на родени, бидејќи за да се генерира нов матичен број треба да помине толку време. Ќе си помислите дека вадење извод од матичната книга на родените е рутинска работа во споредба со постапката за добивање државјанство. И ние си помисливме така, но не и службеникот во органот задолжен за матична евиденција.

Значи, за да добие едно лице државјанство на Македонија, потребно е да достави „еден тон“ документи од матичната земја, но и од Македонија, тие документи во постапка која во конкретниот случај траеше година и половина се проверуваат во низа државни институции, кои на крајот носат одлука дали на лицето да му се даде државјанство. Тие ги проверуваат и документите што се доставени и нивната автентичност и точност и доколку утврдат какви било неправилности, лицето нема да добие државјанство, а може против него и да се поведат соодветни постапки доколку ги прекршил законите. Откако одлуката е позитивна, тоа значи дека сите документи се автентични и точни. Можеби за другите институции да, но за службеникот, кој треба да притисне копче на компјутерот и да ги отпечати податоците генерирани во матичната евиденција, тоа не е случај. За него треба да се достават и дополнителни документи; па што знаат во АНБ и во Министерството за внатрешни работи кои документи се потребни за да се добие македонски извод од матичната книга на родените. И така, сега бараниот нов документ се чека од матичната земја на мојот клиент, за да може да се притисне спомнатото копче на компјутерот на шалтерот на уште еден бирократски бастион на македонската држава.

Навистина е жално што по толку години независност, државата, нејзините институции, политичарите, како и раководителите на тие институции не се запрашаа дали не треба барем малку да им се олеснат формалностите на нашите граѓани и нели е државата таа што треба да биде сервис на граѓаните, а не граѓаните да бидат робови на државните институции. Заслепената желба само да се земе нешто и да се стави во сопствениот џеб, додека е некој на функција, а притоа ни малку да не се мисли на граѓаните, е основната карактеристика на нашите функционери, кои користејќи го корумпираниот правосуден систем знаат дека ниту ќе одговараат ниту ќе сносат одговорност за своето неработење и крадење, а и оние малку кои навистина ќе стигнат до судовите и затворите, со парите што ги украле токму можеби во некоја постапка за компјутеризирање на податоците и размена помеѓу институциите, нешто што никогаш не профункционирало, ќе можат да си ја откупат својата слобода, повторно на корумпиран начин. Цената за сето тоа секогаш ќе ја плаќаат граѓаните.

Секоја држава е онолку силна колку што ги почитува, штити и ги спроведува во дело начелата на индивидуалните права на секој граѓанин. Колку што се поголеми редовите и покомплицирани постапките, толку е послаба државата. А цената е висока!

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот