Билјана и Менка, две жени во пожарникарските редови, рамо до рамо со машките колеги во хумани предизвици

20 мај е Ден на македонските пожарникари, а со нас се две дами, единствените две жени во пожарникарските редови – Билјана Денчовска, првата жена пожарникар и помладата колешка Менка Стојаноска.  

Билјана Денчовска е првата жена пожарникарка во Македонија. Си го исполнила детскиот копнеж. Од „мали нозе“ сакала да носи униформа, а сонот ѝ се исполнил во 2001 година кога станала војник во единицата Лавови, потоа го добила местото пожарникар-спасител  во противпожарната бригада. Бидејќи сакала предизвици и хуманост, оваа професија ѝ била при срце.

Колегите ја прифатиле Билјана без предрасуди и заедно со нив е на секоја интервенција.

-Не знаев дека сум прва жена пожарникар и тоа ми даде уште поголема сила и желба да застанам гордо до моите колеги – херои – вели Билјана и додава дека професијата е машка и дека токму тоа ја прави уште погорда.

Колегите ја прифатиле без предрасуди и заедно со нив е на секоја интервенција. Поддршка, вели, има уште од самиот почеток.

– Професијата е опасна и ризична и тука се работи тимски, помошта секогаш е потребна -ни рече Билјана, која се сеќава дека видела и непријатни глетки, а морала да делува и да остане просебна и силна.

Помладата колешка на првата жена пожарникарка во Македонија е Менка Стојаноска.

Помладата колешка на првата жена пожарникарка во Македонија е Менка Стојаноска, која сосема случајно се одлучила да стане пожарникарка.

– Ја сакам оваа професија поради основата на нејзиното постоење. Потребно е некаде помош и ние сме таму за да го дадеме својот максимум.

Но, што ја прави оваа професија „машка“, што не би можеле жените да го направат? Физичката сила што треба да се употреби при некои интервенции.

– Опремата е голема и тешка, бара многу сила и издржливост. Тука треба да се задоволат барем основни критериуми. Меѓутоа пожарникарството е комплексна работа и овозможува секој од нас да придонесува за извршување на задачата. Нема машка или женска професија, љубовта и посветеноста овозможуваат прилагодување на секое работното место и ги истакнуваат индивидуалните способности – ни рече Менка.

Денес за да станете пожарникар, треба да го прочитате огласот за вработување на Град Скопје, да аплицирате со потребните документи, да поминете низ физичка проверка и интервју, а потоа се слуша настава и се одговара на испити, на крајот се учат практични вежби. По нивното совладување се станува пожарникар и веднаш се оди на интервенции.

Менка тренира боречки вештини и тоа ѝ помогнало во зголемување на силата и издржливоста, толеранцијата на болка, контролата на дишење, упорноста во совладувањето на зададените задачи.

– Придобивките од боречките вештини се несомнено големи во секој дел од животот. На пример, ми овозможија полесно снаоѓање во машката средина – вели Менка.

Не се соочила со некој поголем страв поради професијата.

– При некои најави за интервенции, целата сум во прашалници што нè чека. Но се чувствувам сигурно, бидејќи верувам во колегите. Најголемо задоволство е успешно завршената работа – додава таа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот