Бил во терминален стадиум на рак и имал уште неколку месеци живот: Отишол на ова место во Грција и живеел уште 30 години!

Фото: Скриншот/Јутјуб

Стаматис Мораитис поголемиот дел од својот живот го поминал во предградијата на Њујорк и во Флорида. Кога наполнил 66 години, останал без здив и не можел да си ја работи работата како порано. Сите американски лекари тогаш му рекле дека има рак на белите дробови во терминален стадиум и дека му остануваат само уште шест до девет месеци живот.

Овој Грк, татко на три деца, решил да се врати во својата татковина, на изолираниот медитерански остров Икарија, со сопругата Елпиники. Тој не сакал неговото семејство да биде оптоварено со илјадниците долари, колку што чини американски погреб.

„Нека ме закопаат покрај семејството, на море. Така моите роднини ќе дадат неколку стотини долари за погреб“, си помислил тој.

Но, на Икарија, грчки остров кој се наоѓа на половина пат меѓу Атина и Турција, се случило нешто необично. Мораитис во тоа време не го знаел тоа, но се враќал на уникатно, изолирано место, остров каде што луѓето живеат повеќе од 100 години. Тој влегол во таканаречената „сина зона“.

Полека почнак да се движи. Дишел свеж воздух и се восхитувал на бистрата, сина вода. Пиел вино и повторно се поврзал со старите пријатели. Решил да се занимава и со градинарство.

На крајот почнак да сади винова лоза за лозје во двор. Тој верувал дека нема да биде наоколу за да ужива во виното додека растенијата не бидат подготвени за жетва, но барем неговата сопруга ќе ги има лозите како опиплив начин да се сеќава на него.

Три децении подоцна, тој сè уште бил жив и одгледувал секакви видови овошје и зеленчук, вклучително и грозје за вино и маслинки за масло – на семејната фарма.

Авторот и експерт за долговечност Ден Буетнер го посетил на Икарија за да ја дознае тајната на долгиот живот на овој остров.

„Го прашав: ‘Која е твојата тајна?’“, пренесува Бутнер во новата документарна серија на Нетфликс „Тајните на сините зони“ и додава: „Само ги крена рамениците и рече: ‘Не знам! Претпоставувам дека само заборавив да умрам’“.

Местото каде живеете влијае на вашата долговечност

Не можеме со сигурност да знаеме што точно се случило со Мораитис, зошто живеел уште три децении откако му бил дијагностициран терминален карцином на белите дробови.

Можно е Мораитис да имал некои уникатни генетски квалитети, кои често ги покажуваат таканаречените „супергодишници“, што може да помогне да се заштитат од болести како што е ракот.

Но, Буетнер се сомнева дека, веројатно, постои главна компонента на нашата долговечност која не е за тоа кои сме ние внатре, туку со што се опкружуваме – луѓе, растенија, воздух, начин на живот.

„Тој не направи ништо свесно за да се обиде да стане поздрав. Сè што направи беше промена на средината во која живееше“, рече Буетнер.

Буетнер дури се обидел да го рекреира икарскиот начин на живот во сините зони во САД, со пристоен успех. Почнувајќи од малиот град Алберт Леа во 2009 година, неговите проекти „Сината зона“ работат со градовите за да создадат повеќе можности за луѓето во САД да се движат и да живеат како стогодишниците во петте сини зони во светот.

Проектите вклучуваат повеќе можности за пешачење и вежбање, подобрување на тротоарите и изградба на велосипедски патеки, правење поздрави опции за оброци од растително потекло подостапни во продавниците и рестораните и давање можности на луѓето да се поврзат со нивната цел преку волонтирање, групи за пешачење, градинарство или сликање мурали.

„Ако сте со прекумерна тежина и не сте здрави во Америка, веројатно не е ваша вина“, рече Буетнер, кој објави нова книга која е водич за усвојување на животни трикови од „сините зони“.

Мораитис живеел со цел до крајот на својот живот

Окружението го натерало Мораитис да се качува по скали и да бере маслинки и грозје до крајот на својот живот.

„Сè уште пијам вино и работам“, изјави Мораитис за Би-би-си на почетокот на 2013 година, само неколку недели пред неговата смрт, на 98-годишна возраст (или 102, Мораитис не можеше точно да се сети).

„Не сум доктор , но мислам дека виното помогна. Не правев ништо друго освен што јадев чиста храна, чисто вино, чисти билки“.

Неговите секојдневни задолженија му дале цел. Ако сакал да си зготви нешто со маслиново масло или да го вметне во своите салати, требало само да излезе во својот двор и да ги истисне маслинките.

„Без разлика дали е лесно или не, јас морам да го правам тоа“, зборувал тој низ смеа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот