Бил Гејтс предупредува: Најсмртоносното животно на светот не отиде на одмор за време на пандемијата (ВИДЕО)

Фото: EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Пандемијата од ковид-19 само потврдува зошто таа борба против маларијата е толку важна, ќе се враќа и ќе ги оптоварува најранливните заедници, смета Гејтс.

Основачот на Мајкрософт и филантроп Бил Гејтс на својот блог GatesNotes објави нова видео порака, во која наведува дека пандемијата од коронавирусот е потсетник на причините поради кои човештвото мора да ја елиминира маларијата, смртоносната болест која ја пренесуваат комарците.

„Комарците не практикуваат социјално дистанцирање. Не носат маски. Како што се шири ковид-19 во светот, важно е да се присетиме дека најсмртоносното животно на светот не отиде на одмор за време на пандемијата“, напиша Гејтс на својот блог.

„Комарците ги бодат луѓето секоја ноќ и инфицираат милиони луѓе со маларија. Тоа е болест која убива по едно дете секоја минута секој ден. Многу од тие смртни случаи се случуваат во најсиромашните земји од светот, кои имаат најслаби здравствени системи, а сега се соочуваат со дополнителен товар на запирање на пандемијата од коронавирус. Во многу од тие земји пикот на бројот на случаи од ковид-19 се очекува во најлошо можно време – на врвот од сезоната на трансмисија на маларијата“, предупреди Гејтс.

„Во текот на епидемијата од ебола во 2014 година во Западна Африка ендемските болести како маларија, туберкулоза и СИДА придонесоа за многу поголем број смртни случаи од самата ебола зошто епидемијата од таа болест ги уриваше локалните здравствени системи. Лекарите сега стравуваат дека истото би можело да се случи и со ковид-19“, вели основачот на Мајкрософт.

„Карантините и мерките за социјално дистанцирање веќе им ја отежнаа работата на здравствените работници кои работат на превенција и лекување на маларијата во многу делови од Африка. Забележани се прекини во ланците на снабдување со есенцијални алатки за борба против маларијата – кревети со мрежи против комарци, антималариски лекови и брзи дијагностички тестови, кои беа клучни за намалување на борјот на смртност од маларија за 50 отсто од 2000 година“, предупреди Гејтс и додаде дека, според проценките на СЗО, смртноста од маларија би можела да се врати на ниво кои не сме го виделе во последните 20 години.

„Напредокот кој светот го направи во борбата против маларијата е една од најголемите здравствени приказни за успехот. Пандемијата од ковид-19 само потврдува зошто таа борба против маларијата е толку важна, ќе се враќа и ќе ги оптоварува најранливните заедници“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот