Биг Бен брегзит бламажа

Изгледа дека во последен миг му сигнализираа на БоЏо дека ова помирувањето е раскарување до коска, па тој сега реши да крене раце да ѕвони и на денот „Б“ ќе одржи, велат, оптимистички, а не славенички говор.

Да, има настапи на ингениозност, од време на време и речиси во редовни временски интервали. Не секогаш во допир со реалноста, ама… Ќе излезе пред камерите, ќе каже  нешто, не секогаш точно, ама така полудраматично, со по некој цитат на латински или старогрчки после што само амбициозните новинари (обичното „пучанство“ одамна кренало раце) ќе одат на интернет да видат „што сакал да каже писателот“, освен оние кои со него во Итон и Оксбиџ не студирале латински и старогрчки, кои најчесто знаат. Ако подзаборавиле, одат потоа на интерен брифинг за да им биде објаснето.

Така и неодамна, радосен, насмеан, потфаќајќи ја русата му коса (често го прави тоа) премиерот ни кажа дека сака на 31 јануари да го прославиме брегзитот, денот кога Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска излегува од Европската Унија. Ќе ги обединиме сите, и оние 52 проценти кои гласаа за излегување и оние 48 кои гласаа за останување со тоа што ќе има „џингарлака“ пред парламентот со звуците на Биг Бен, ни рече Борис Џонсон. А мене, која латински сум подзаборавила, а старогрчки  не сум учела и на 48% од „пучанството“ нозете ни се пресекоа.

Биг Бен е инаку името на ѕвоното во Кулата Елизабета, залепена до Парламентот, едно од најпознатите лондонски знаменитости, кое не ѕвони веќе некое време бидејќи и кулата и ѕвоното се реновираат. И за да ѕвони ѕвоното требаше да се оспособи за 31 јануари во 11 часот да се огласи и да не потсети на неминовното, а ние да се радуваме и веселиме. И да платиме за тоа задоволство, па се формира и сајт за собирање пари. Се засилија донациите, па само првите два дена беа собрани дури 250 фунти. После, засрамени, се појавија загрозените брегзитџии па се стигна до 150.000 фунти, ама беше потребен  половина милион до кој не се стигна. Па повикуваа и повикуваа… и се откажаа. Зашто излезе дека службите во парламентот кажаа оти оваа акција е незаконита и дека нема шанса да се изведе. Ете, конечно, некоја корист и од службите.

 

Черешна се од корен корнеше…

 

Не знам што мислеа кога повикуваа да платам за Биг Бен да бонга? За да ми тријат сол на рана? Јас не гласав за ова. Да чука Биг Бенот на 31 и уште да се „профуцкаат“ половина милион фунти на малтретирање на мнозинството на не толку малото малцинство? Па добро, така ли ќе се помируваме? Мене ич не ми е до славење ниту до песна и игра, а за оро и „џингарлака“ и да не зборуваме. Имаше предлози 31 да биде национален празник! Ајдее… Најџел Фараж, лидерот на партијата Брегзит, предлагаше и јавен конкурс на кој луѓето ќе се натпреваруваат со брегзит текстови на популарни англиски песни. Демек нешто во стилот, черешна се од корен корнеше, Ју Кеј се од ЕУ делешеееее, проштевај Јункер, проштевај, проштевајте мили европејциии…

Лудило кое само Фараж може да го предложи, да се злоупотребат Битлси, Елтон Џон, Дејвид Боуви и други легенди со, на пример, глупости од типот „збогум позлатен пату кон Европската Унија, каде што кучињата бирократски неизбрани лаат“ или „тој вели – јас те знам тебе, ти ме знаеш мене, една работа да ти кажам, брегзитот е дека мора да сме слободни – ајде сите заедно, сега, дојдете со мене“ или далекугледо за идните трговски договори, на пример оној со Кина „не можам да избегам од ова брегзит чувство, со мојата девојка од Кина, еве го брегзит човекот кој сака да владее со светот аааааа“ и така натаму и после пијани ќе ги собираат од улиците.

Но, изгледа дека во последен миг му сигнализираа на БоЏо дека ова помирувањето е раскарување до коска, па тој сега реши да крене раце да ѕвони и на денот „Б“ ќе одржи, велат, оптимистички, а не славенички говор. Ајде да видиме. Пари што не дадов, не дадов, ама побарав (со уште стотици други) собраните пари од закоравените брегзитџии да одат да спасат некоја коала во Австралија. И некој кенгур, ако треба ќе додадеме.

 

Тврд Мегзит

 

Да ја пуштеа кралицата Елизабета Втора да преговара ќе испреговараше брегзит од кој и на најтврдокорните патриоти, националисти, фаражџии и брегзитџии ќе им се свртеше во главата. Студена пот ќе ги облееше и ќе им  се испотеа рацете и некои други, поинтимни делови од телото. И ќе речеа, чекајте малку, ваше височество, да размислиме, да почекаме, да се договориме, да видиме што и како, ова некако многу тврдо, цврсто, апансас, со волеј, на прва, без пардон. А Борис Џонсон ќе побараше останување во Европската унија.

Кралицата е цврст преговарач и со неа нема шега. Откако внукот Хари и снаата Меган одлучија да се осамостојат, таа реши нивното осамостојување да се среди што побрзо и во помалку од една недела тие останаа: без титулите кралски височества, Хари без сите воени титули и покрај тоа што има завршено воена академија и службуваше во Авганистан, без патронажа на сите британски невладини организации, а како тргна и свадбените подароци и она за младенци добиено ќе треба да го вратат. Згора на се, ќе треба да ги вратат и двата и кусур милиони фунти инвестирани за реновирање на Фрогмор котиџ, нивната тукашна резиденција и ќе треба со Меган да се снајдат за обезбедување.

Видете, не дека се за жалење, нема да страдаат за стан и храна, ќе добиваат пари од таткото, престолонаследникот Чарлс и прогнозирам дека ќе бидат едни од најголемите инфлуенсери на светот, ама така набрзина да се „испашка“ внукот од земјата… И веќе следниот ден да се појави со синот Андрју, откако беа на лов (во земјата ловот е забранет, кај кралското семејство не е) и на ручек , па во црква, насмеани и среќни. Хари и Меган аут, Андрју ин, истиот оној Андрју со вкус за малолетнички кој малку беше ставен „на лед“, ама сега изгледа го одмрзнаа.

Кралицата рече ќе ја ревидира одлуката за година дена. Што ќе ревидира, да ми е да знам? Ќе го прими Хари назад ако се врати без Меган? Која е разликата помеѓу политиката и кралското семејство? Го гледам прашањето и си велам, некои прашања навистина не заслужуваат одговор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот