Бидете внимателни! Еве што може да се случи со вашето куче ако консумира млечни производи
Ако имате куче со кое редовно посетувате кафулиња и ресторани, веројатно сте го почестиле со „папучино“ или со малку шлаг од торта.
А дали некогаш сте се запрашале дали мала количина шлаг и млечни производи се добри за стомакот на кучето? Иако одговорот на ова прашање не е сосема јасен, треба да сте внимателни, пишува „Кјутнес“.
Нетолеранцијата на лактоза или проблем со варењето на млечните производи е прилично чест проблем кај луѓето, но исто така влијае и на многу кучиња. Во исто време, млечните производи се еден од најчестите алергени кај кучињата. Сепак, нетолеранцијата на лактоза и алергијата на млеко и млечни производи се две сосема различни прашања.
Ако имате куче кое не поднесува млечни производи, ако ги јаде, ќе има стомачни проблеми. Симптоми на нетолеранција на лактоза кај кучињата се гасови, дијареа, болки во стомакот и повраќање, а сериозноста на симптомите зависи од тоа колку и каков вид на млечни производи консумираат кучињата.
Која количина на млечни производи е безбедна за кучињата
Кучето може добро да толерира некои форми на млечни производи, но не и други, поради различните количини на лактоза што ги содржат. На пример, кучето нема проблем кога јаде сирење или јогурт, но има проблеми кога јаде сладолед или пие млеко. Сирењето има релативно малку лактоза, а културите во јогуртот го олеснуваат варењето, додека млекото и сладоледот имаат повеќе лактоза. Умереноста е исто така важна, бидејќи многу млечни производи се богати со масти, а прекумерното консумирање на масна храна предизвикува панкреатитис или дебелина кај кучињата.
Куче и сладолед
Сладоледот и некои видови јогурт може да содржат засладувачи и состојки како што се ксилитол и чоколадо кои се токсични за кучињата. Иако некои млечни производи (сирење) имаат многу добри хранливи материи како што се протеини и калциум, тие не треба да се потпираат како извори на исхрана за вашето куче.
Млечните производи можат да бидат и корисни, можете да вметнете лек или апче во нив што вашето куче не би го проголтало самостојно. Покрај тоа, млечните производи можат да бидат добри додатоци на оброците. Не заборавајте дека задоволствата (и млечните производи) треба да сочинуваат само максимум 15 проценти од исхраната на вашето куче.
Како да знаете дали вашето куче е алергично на млечни производи
Додека нетолеранцијата на лактоза кај кучињата обично се манифестира како благи до умерени гастроинтестинални проблеми, вистинската алергија на млечни производи покажува потешки симптоми. Вообичаени знаци дека кучето има алергиска реакција на млечни производи се чешање или црвенило на кожата, инфекција на кожата, губење на влакната или прекумерно лижење шепи. Во ретки случаи, ако алергијата е тешка, кучињата развиваат осип и можно е отекување на лицето. Затоа секогаш внимателно следете ги реакциите на кучето после јадење млечен производ.
Инаку, одредени раси на кучиња се повеќе склони кон алергии на храна и млечни производи и тоа: шар пеи, германски овчар, лабрадор, некои териери, кокер шпаниел и минијатурен шнауцер.
Но, ова не е конечниот список, бидејќи секое куче може да развие алергија или нетолеранција на млечни производи во секое време од својот живот. Ако се сомневате дека вашето куче има алергија на млечни производи, однесете го кај ветеринар кој ќе направи тестови и ќе даде дијагноза.