Бидете сложни, пари ќе има!

Фото: МИНИСТЕРСКИ СЪВЕТ РЕПУБЛИКА БЪЛГАРИЯ

Копретседавачите Македонија и Бугарија вчера во позитивна атмосфера успешно го организираа  самитот на Берлинскиот процес во Софија, на кој беа потпишани декларации за заеднички регионален пазар и за зелена агенда, а Германија го поздрави напредокот на двете земји. Канцеларката Ангела Меркел на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на заедничката прес-конференција им порача дека мора да се согласуваат, што беше сфатено во контекст на идниот развој на регионот, но и за несогласувањата што ескалираа периодов откако Бугарија постави уценувачки услови за да ја поддржи преговарачката рамка за Македонија за членство во ЕУ.

– Берлинскиот процес секогаш е поврзан со помирувањето на несогласувањата и проблемите од минатото и се надеваме дека и овој пат ќе помогне. Она што мора да го кажам е дека мора да се согласувате. Не заборавајте го тоа, затоа што е многу важно – им рече Меркел на македонскиот и на бугарскиот премиер.

До затворањето на овој број од весникот, немаше изјави на Заев и Борисов во врска со бугарските услови и најавената блокада од Бугарија на седницата на Советот на ЕУ на 17 ноември кога ќе се усвојува рамката. Се очекуваше разговорите да се одвиваат во попладневните часови меѓу двете делегации, пред денешниот состанок во Брисел на амбасадорите на земјите членки на кој евентуално повторно ќе има обид да се усогласи текстот за преговорите. Пред самитот бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева најави и дека ќе побара да се одржи нова меѓувладина конференција меѓу двете земји, „за да се разгледаат насобраните прашања“.

Западен Балкан веќе размислува и делува европски

Ниту германската канцеларка Меркел не го спомена директно билатералниот спор, односно бугарските барања за македонски отстапки во јазикот, идентитетот и историјата кои Македонија не ги прифаќа. Во видео-обраќање таа го честиташе формирањето заедничкиот пазар и пазарот на трудот на шесте земји од Западниот Балкан и договорената зелена агенда за економија без јаглерод диоксид.

– Во оваа ситуација за нашите економии, сè што ќе направите преку овој процес ќе го поткрепи здравјето и просперитетот на граѓаните. Владите постигнаа согласност за зелена агенда и сè што е постигнато е за заштита на климата, за агендата за проширувањето, за напредокот и помирувањето на регионот – рече Меркел и ги покани сите следната година во Берлин каде што ќе се одржи следниот самит на иницијативата Берлински процес.

Македонскиот премиер Заев рече дека има силна и очигледна политичка поддршка за проширувањето на ЕУ со земјите од регионот и треба да се искористи шансата за доброто на сите граѓани, а бугарскиот премиер Борисов потенцира дека со потпишувањето на декларациите за зелена агенда и за заеднички пазар земјите од Западен Балкан веќе размислуваат и дејствуваат европски за екологијата, економијата и за нелојалната конкуренција.

Заев рече дека ја искористиле политичката платформа на овој процес за понатамошно туркање на одредени иницијативи, како што се регионалниот договор за патување со лична карта, за проширување на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и за соработка за регионален одговор на пандемијата со коронавирусот.

–  Регионот ја препозна важноста на деловната поврзаност, младинската мобилност, дигиталната поврзаност, дијалогот со граѓанското општество, културната размена за постигнување конкурентност на глобалните пазари и за општата благосостојба на граѓаните. Само интегриран и поврзан регион може сигурно да чекори кон ЕУ – рече Заев и додаде дека и ЕУ храбро ја потврдила поддршката за Западниот Балкан со грантови од 9 милијарди евра и со инвестиции од 20 милијарди евра.

Борисов рече дека пред само една година за време на бугарското претседателство со ЕУ, сите лидери од ЕУ и Балканот заедно го потврдиле патот за перспективата на целиот регион.

– Новите 9 милијарди евра даваат можност за големи инфраструктурни проекти во регионот и она што отсекогаш сме го сонувале – обединување во сите области, дигитални, транспортни и културни. Со заедничкиот регионален пазар 20 милиони луѓе од Балканот ќе може да имаат повисок стандард и ќе може да ги задржиме да останат во регионот – рече Борисов по самитот.

Захариева сака да се врати тонот на добрососедството

Шефицата на бугарската дипломатија вчера пред самитот најави дека ќе им предложи на двајцата премиери да биде свикана седница на Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за добрососедство, која не се состанала речиси година и пол иако во меѓувреме, како што посочи, се насобрале многу прашања. Таа повторно ги повика македонските власти да го почитуваат и спроведат договорот и да ги разгледаат бугарските забелешки.

– Имаме забелешки не само за историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Секој што патува ја гледа состојбата со поврзаноста меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка од областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Само во областа на туризмот е постигнат напредок, но тоа беше пред пандемијата. Овој напредок воопшто не е доволен – рече Захариева.

Таа повтори дека Скопје не треба да се потпира на тоа дека некој ќе ја притисне Софија да замиже и да попушти пред неспроведувањето на договорот.

– Бугарија е исклучително категорична. Ние сакаме да видиме во преговарачката рамка дека договорот ќе се спроведе, дека РС Македонија нема никакви претензии за малцинства. Има над 15.000 антибугарски публикации. Не можеме да ги воспитуваме поколенијата на омраза. Не можеме да бидеме сојузници во НАТО, а бугарските војници да се нарекуваат фашистички окупатори. Треба да се вратиме на тонот на добрососедството и спроведувањето на договорот – рече таа.

Таа различно го толкува членот 2 од Договорот и според неа, тој не е прекршен како што изјави неодамна Заев. Според Захариева, тој член вели дека Бугарија ќе ја поддржи Македонија на евроатлантскиот пат, споделувајќи го своето искуство, но тоа не значи дека не може да има свои  услови.

Слободно движење на стоки и услуги и зелен развој

Во декларацијата за заедничкиот пазар е наведено дека усогласувањето на регионот со правилата на единствениот пазар на ЕУ и вклучувањето во сеопфатна регионална соработка е значаен чекор напред во евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. Заедничкиот регионален пазар има цел да ги поврзе економиите на шесте земји преку слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Декларацијата охрабрува и создавање регионални дигитални, индустриски, инвестициски и иновативни врски.

Декларацијата за зелена агенда е целосно во согласност со водечките напори на ЕУ за борба против климатските промени, заштита на животната средина и за отклучување на економскиот потенцијал на зелената, нискојаглеродна и циркуларна економија во регионот. Земјите ја демонстрираат својата подготвеност и посветеност за постигнување на целите на Европскиот зелен договор. Главните активности ќе бидат во врска со климата, енергијата, мобилноста, чистењето на воздухот, водата и почвата, одржливото земјоделие и биодиверзитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот